Можеби простувањето е невозможно, но разговорот е неопходен

Теона Стругар Митевска за „Ал џезира“

Македонската режисерка зборува за „Ал џезира“ за филмот „Најсреќниот човек на светот“, кој носи перспектива на воената траума и зборува за важноста на разговорот во процесот на помирување. По претходните успеси со „Кога денот немаше име“ и „Бог постои, нејзиното име е Петрунија“, Стругар Митевска повторно ги здружи силите со босанската сценаристка Елма Татарагиќ, продолжувајќи ја долгогодишната соработка. Ниту овој пат не недостигаше успех. Нивната последна продукција – филмот „Најсреќниот човек на светот“ – ја имаше светската премиера на Филмскиот фестивал во Венеција, каде што публиката го поздрави со овации. По успешниот фестивалски живот, кој следуваше потоа, во март филмот пристигна и во кината во Босна и Херцеговина.
За „Ал џезира“ таа зборува за процесот на работа на овој филм, важноста и неопходноста од соочување со минатото, како и за соработката со Елма Татарагиќ.
– Мислам дека направивме многу важен филм, особено од перспектива на она што се случува во Украина. Знам дека нема да биде лесно за сите да го гледаат, но филмот е полн со хумор и има многу човечност во него, па се надевам дека публиката добро ќе реагира и ќе оди да го гледа филмот. Во Венеција, на пример, беше многу интересно. По проекцијата, еден човек ми пријде и ми рече: „Овој филм е мојата приказна“. Кога прашав како, ми објасни дека е ранет и дека Црвениот крст го однел во Италија, каде што останал. Потоа ми кажа дека не знае како би се чувствувал доколку се сретне со човекот што го ранил, но по пет минути разговор за тоа што му се случило, ја анализирал ситуацијата, па рече дека „можеби не би било лошо“, затоа што би сакал да му постави неколку прашања за на крајот да заклучи дека „многу би сакал да го запознае“. Тоа се моментите кога сфаќаш сѐ – вели Стругар Митевска.
Најавен како антивоен филм, со дејство сместено во сегашноста, таа изнесува интересен поглед на воената траума проникната со мрачен хумор, а главниот протагонист всушност бара прошка.
– Мислам дека е суштинско, дека тоа е единствениот начин да се оди напред и да се гради иднината. Не сум психијатар, ниту психолог, но направивме многу истражувања додека го пишувавме сценариото и мислам дека соочувањето со тоа е единствениот начин. Простувањето можеби е невозможно, но разговорот е неопходен – вели режисерката во интервјуто.
Во текот на подготовките за работа на овој филм биле направени многу истражувања и биле земени сведоштва од цела Босна и Херцеговина, процес што траел две години.
– Како што навлегував подлабоко во темата, сфатив колку не знам, колку малку знам што навистина се случило и колку е сложена целата тема. Но Елма одлучи дека од сите режисери, јас можам да ја раскажам таа приказна. Тоа е нејзина приказна и таа ми ја даде. Тогаш сфатив дека е голем подарок, доверба и одговорност да се направи нешто што е толку приватно на најодговорен и најчесен начин. Затоа работевме многу, а во текот на процесот многу приказни и сведоштва што ги слушнавме од сите делови на Босна и Херцеговина беа интегрирани во самото сценарио. Работата на овој филм беше чиста соработка. Тоа е приказна за Зоран и Асја, но за да се разбере контекстот на приказната, споредните ликови станаа толку важни што преку своите лични искуства најдоа дел во самото сценарио… Кога решивме да снимиме филм, во еден момент размислувавме што е најуниверзално, со што може да се поврзе секој во светот, без разлика од каде е и каде живее. Има многу филмови на темата војна, па сакавме да направиме нешто современо, нешто со што секој може да се поврзе. Тогаш Елма рече дека темата за љубовта е универзална, сите бараат љубов. И очигледно тоа е вистина, инаку филмот немаше да се дистрибуира во толку многу земји – вели Стругар Митевска.
Филмот е во копродукција на Македонија, Хрватска, Словенија, Данска, Белгија и Босна и Херцеговина.

– Порано не верував во регионални копродукции, но сега разбирам дека тоа е од суштинско значење, дека ја зајакнува соработката, го зајакнува разбирањето… Кога ќе почнеш да работиш со некој од регионот, сфаќаш колку сме слични, колку многу се разбираме во секој поглед и тогаш таа соработка е уште посилна. Се разбира, се прашувате зошто војната. Многу е интересно како уметноста секогаш доаѓа пред политиката – додава режисерката.
„Најсреќниот човек на светот“ освои награди на фестивали во Франција, Атина, Порторож и во САД. Актерската екипа, предводена од Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ, меѓу другите ги вклучува Изудин Бајровиќ, Ведрана Божиновиќ, Ирма Алимановиќ, Мона Муратовиќ, Лабина Митевска, Ана Костовска, Ксенија Маринковиќ, Синиша Видовиќ и Николина Кујанов. Директор на фотографија е Вирџини Сент Мартин, монтажер Пер К. Киркегард, костимографка Моника Лорбер, сценограф Вук Митевски, а кастинг-директор е Тимка Грин.
– Колку подолго се занимавам со оваа професија, толку повеќе сфаќам дека најважно е вашиот филм да се гледа, а за нашите мали кина наградите помагаат филмот да се дистрибуира. Мислам дека е важно филмот да го најде патот до публиката и во тоа значајна улога имаат наградите. Но ние се занимаваме со уметност првенствено за да го направиме овој свет подобро место, не поради егото или наградите, а овој однос кон наградите ми е малку проблематичен – вели режисерката на прашањето за важноста на наградите.
Филмот продолжува на европска турнеја во Франција, Швајцарија, Данска, Шведска, Италија, Германија… В.Д.