„Јуроп хаус Скопје“ и Факултетот за ликовни уметности – Скопје, по повод Светскиот ден на уметноста – 15 Април, организираат тура низ сокаците на старата скопска чаршија, како низ галерија на уметности и занаети. Светскиот ден на уметноста ќе биде одбележан славејќи ги креативноста и генијалноста на локалните уметници и занаетчии.
– Придружете ни се на прошетка низ дуќаните со стари традиции на изработување шарен текстил, керамика, шапки и накит, а овој пат придружени и од уметничките дела на студентите од Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Чаршијата како галерија е концепт на кој сакаме да му го вратиме стариот сјај на нераскинливото проткајување на занаетчиството и уметноста. Контрастот е препознатлив белег за Скопје, па во таков дух ќе ја извеземе прошетката низ занаетчиските дуќани со стари традиционални занаети и уметнички поставки на младата современа критичка мисла – порачуваат иницијаторите на настанот.
Чаршијата ги отвори вратите вчера, од 13 часот, поканувајќи ги посетителите да ја споделат нејзината магија и да го истражат чудото на традиционалните занаети и современиот уметнички израз од прва рака. Изложбата ќе биде отворена до 12 април.