Мексиканскиот национален институт за антропологија и историја предупреди дека мумиите, кои се изложени во Мексико Сити и често патуваат низ земјата, може да претставуваат закана за здравјето на луѓето што доаѓаат да ги видат.
Позната како Мумиите од Гуанхуато, изложбата беше претставена во САД во 2009 година. Но неодамнешната изложба во Мексико Сити, на која беа изложени шест мумии во стаклени витрини, го поттикна институтот да ја предупреди јавноста, особено имајќи предвид дека тие не знаат колку овие стаклени кутии се всушност херметички.
– Уште повознемирувачко е што тие сè уште се изложени без никакви заштитни мерки за јавноста од биолошки опасности. Од некои од објавените фотографии, барем еден од изложените трупови, кој институтот го прегледал во ноември 2021 година, покажува знаци на пролиферација на можни габични појави – се вели во соопштението.
Смртоносните габични инфекции кај мумиите секако не се вообичаени, но тие исто така не се нечуени. „ИФЛ сајенс“ објави дека 10 од 12-те научници присутни на отворањето на гробот на кралот Казимир четврти во Полска во 1970 година починале неколку недели по настанот, веројатно од габа. И ова не е единствениот забележан пример.
Сегашниот спектакл на мексиканските мумии никогаш не бил замислен како пример за мумификација. Експертите веруваат дека труповите од 19 или 20 век биле ненамерно мумифицирани, како можен нуспроизвод на средина богата со минерали, херметички затворен сув подземен гроб или некоја друга еколошка причина. Некои од мумиите сè уште имаат коса, кожа, па дури и зачувана облека, но постои изразен недостиг од балсамирање или други вообичаени производи за мумификација.
Мумиите се дел од мексиканската култура уште од 1860-тите години. Кога семејствата на починатите не можеле да продолжат да плаќаат такси за погреб, телата биле ексхумирани. Работниците што планирале да ги отстранат правливите коски, наместо тоа, нашле целосно недопрени тела, кои биле изложени поради нивната зачувана природа и способност да привлечат клиенти што плаќаат да ги видат.
Првите посетители патувале под земја за да ги видат мумиите, а од 1969 година тие се изложени во Музејот на мумиите во Гуанхуато. Во раните 1900-ти, позите за изложба на мумиите и маркетингот добија посебен елемент на хорор. Некои тела беа поставени со прекрстени раце над градите и отворени вилици за да се остави впечаток дека мумиите врескаат. Стилот на прикажување на овие мумии долго време предизвикува социјални критики, пишува „Нешнл џиографик“.
Сега на социјалните критики им се придружуваат и здравствените грижи.
– Сето ова треба внимателно да се проучи за да се види дали тоа се знаци на ризик за културното наследство, како и за оние што се занимаваат со нив и доаѓаат да ги видат – предупредуваат од Институтот.