Роботи делумно ќе ги заменат хирурзите во Виена при помали хируршки зафати, соопштија властите на овој град.
Како што наведоа, сѐ почести се минимално инвазивните операции, што е предност и за пациентите и за хирурзите. За овие операции се користат камери и инструменти што се вметнуваат во телото преку мали засеци на кожата.
Со тоа, како што образложија, може да се извршат многу посложени маневри отколку што е случајот со класичната лапароскопија, а отсуствува тресењето на рацете на хирургот. Нервите и крвните садови се заштитени што е можно најдобро, а малите засеци овозможуваат постигнување подобри естетски резултати и намалување на болката по операцијата.
Хирурзите веќе не се на маса за операција, туку управуваат со конзолата додека гледаат во екранот. Тридимензионалната слика со висока резолуција обезбедува десеткратно зголемен приказ.
Тие најавија дека првата роботска операција ќе биде извршена во средината на април во клиниката „Донаустад“. Во урологијата, хируршки робот се користи за уроонколошки интервенции како што е операција на тумор на бубрег или за реконструктивни процедури како што се операции за замена на мочниот меур.
За одделите на урологија, општата хирургија, ОРЛ и гинеколошките оддели на неколку клиники во Виена, во соработка со компанијата „Интјуитив срџикал сарл“, ќе се купат шест роботи „да винчи“ со вкупна вредност од 12 милиони евра. Набавката на роботите вклучува двомесечна обука за хирурзите што ќе ги користат, соопштија виенските власти.