Артан Груби / Фото: Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците

За вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ не е чудно што неговиот колега Артан Груби доби трета функција откако беше назначен за координатор на Коридор 8. Според Маричиќ, има многу работа во проектот, па Груби може да помогне. За сомнежите за коруптивни дејствија, Маричиќ посочи дека за тоа треба да се изјаснат обвинителството и Антикорупциска.

– Тоа што Владата одлучи дека Груби да биде координатор на овие активности, значи дека има потреба од посилна координација затоа што има надлежности кои припаѓаат на Министерството за транспорт и врски и тие се бројни и никој не ги одзема. Напротив ќе ги спроведува Министерството за транспорт и врски. Но има многу процедури и акции кои треба да се преземат во однос на меѓусебна комуникација на институциите, дозволи, процес на експропријација, има многу работа во тој проект. И затоа еден од вицепремиерите е задолжен да го следи спроведувањето и да биде еден вид на надзор и поддршка на тој процес. Не е првпат ниту е нешто чудно – кажа Маричиќ на прес-конференцијата по потпишувањето на меморандумот за соработка со Србија во евроинтеграциите.

Тој додаде дека Владата со Груби вклучила дополнителен напор за спроведување на проектот.

– Коридорот 8 е најважниот проект на оваа Влада. Затоа мислам дека сите членови на Владата треба да бидат вклучени од свој аспект. Така што, за тоа што го споменавте евентуални коруптивни дејствија, за тоа има институции. Антикорупциска и Обвинителството треба да кажат. За Владата ова е најважниот инфраструктурен проект – истакна Маричиќ.

Претходно, и премиерот Димитар Ковачевски го бранеше Груби оти новинарите прашуваа како тој дошол до третата функција, по вицепремиерската и министерската.