Грција, Бугарија и Турција беа зафатени од силно невреме
Најмалку седум лица загинаа во силното невреме што ги погоди Грција, Турција и Бугарија изминативе денови и предизвика поплави и големи материјални штети. Меѓу загинатите се двајца туристи, кои беа однесени од поројните дождови што зафатија камп во северозападна Турција. Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека уште четири лица се водат како исчезнати откако поплавите погодија камп во провинцијата Киркларели, во близината на границата со Бугарија. Тој рече дека на локацијата биле околу 12 туристи. Во Истанбул силен дожд поплави улици и куќи во две населби, при што загинаа најмалку двајца, се наведува во соопштението на канцеларијата на гувернерот.
Жестоките бури завчера ги зафатија Грција, Турција и Бугарија. Пороен дожд предизвика огромни поплави во Југоисточна Европа и принуди евакуација на локално население и туристи. Бурата „Даниел“ остави трага на уништување во централна Грција, додека илјадници луѓе се соочуваат со досега невидени оштетувања на домовите и друг јавен имот. Најголемите штети се предизвикани во пристанишниот град Волос, каде што еден маж загина, а уште едно лице се води како исчезнато. Безживотно тело на постара жена вчераутро било пронајдено во месноста Палаци во областа Магнисиа и е втората жртва во невремето.
Во Грција полицијата забрани сообраќај во централниот град Волос, планинскиот регион Пилион и популарната туристичка дестинација, островот Скијатос, откако рекордно количество дожд предизвика големи поплави низ улиците, кои дури носеа и автомобили со себе. Метеоролошката служба на Грција соопшти дека во село во регионот Пилион наврнале 75,5 сантиметри дожд, што е далеку над досегашниот рекорд од 2006 година. Од службата додаваат дека просечното годишно количество дожд во регионот на Атина изнесува околу 40 сантиметри.
Две лица загинаа и во Бугарија, додека тројца се водат за исчезнати откако поплави го зафатија јужниот дел на брегот на Црно Море. Реките што излегоа од коритата предизвикаа голема штета на патиштата и мостовите. Во неколку места беше прекината и струјата, а властите ги предупредија граѓаните да не пијат вода од чешмите поради опасност од контаминација на водоводите поради поплавите.