Фото: Принт-скрин

Во Бугарија сѐ уште нема вакцини против мајмунски сипаници иако во државата веќе се регистрирани четири случаи, јавија бугарските медиуми. Бугарија е една од петте земји во Европа кои сѐ уште немаат добиено вакцини против мајмунски сипаници, според Министерството за здравство и Европската комисија, јави БТВ.

Само во Европа, според последните податоци, заболените се веќе над 17 илјади. Најмногу заразени има во Шпанија. Следат Германија и Франција. Во Бугарија, Литванија и Летонија има по 4 случаи, но здравствените експерти претпоставуваат дека бројката е многу поголема.

Вакцините се дистрибуираат пропорционално со заедничка европска нарачка. Само во Бугарија, Словенија, Словачка, Полска и Романија сѐ уште нема вакцини.

– Центрите за сексуално здравје се првите места каде луѓето со симптоми на мајмунски сипаници одат за помош. Неделно има тројца сомнителни пациенти – вели Елена Биринџиева од Центарот за сексуално здравје во Софија во изјава за медиумот. Таа веќе има список од околу 50 луѓе кои чекаат вакцина против инфекцијата.

– Секој пациент со ризично сексуално однесување во нашиот центар добива целосни информации за мајмуни сипаници. За жал, сепак – не можеме да го понудиме следниот чекор – вакцинација. Преплавени сме со повици каде е вакцината против сипаници, изјави таа.

За Бугарија се планирани 1.820 дози, но сепак, не е јасно кога државата ќе ги добие, наведува БТВ. Министерството за здравство ги анализира регулаторните опции за добивање на вакцините и условите за склучување на договор за донација меѓу ЕК и Бугарија.