Фото: Принт-скрин

Претседателот на Бугарија Румен Радев по претставувањето на новата преодна влада и нејзиниот премиер Гулаб Донев изјави дека главниот предизвик е поврзан со безбедноста, јави дописникот на МИА од Софија.

Ризикот војната да зафати нови територии е реален и, според Радев, прв приоритет за новата бугарска влада е да се спречи вовлекување на Софија во конфликтот, да се намалат ризиците за националната безбедност на Бугарија и да се забрза работата на модернизација на воените сили на земјата. Според претседателот на Бугарија, глобалната енергетска криза е директна последица на војната.

– Техничката влада и следните влади во Бугарија мора да се водат од два важни приоритета – безбедноста на снабдувањето и цената на енергетските превозници. Друга катастрофална последица од војната е кризата со храна – рече Радев, додавајќи дека важен приоритет ќе биде безбедноста на храната и контролата на цените во Бугарија.

Радев повтори дека бугарското општество очекува да ја слушне целата вистина за изградбата на автопатот „Хемус“, поправката на браните и другите големи корупциски проекти. Тој изрази очекување и итни активности за обезбедување безбеден сообраќај на патиштата и покрај нормативната блокада и прекинот на нивното финансирање.

Новите министри и вршител на должноста премиер Гулаб Донев дадоа заклетва пред претседателот на Бугарија, бидејќи нема активно Народно собрание за положување заклетва. Ова е 100-та влада на Бугарија од ослободувањето на земјата од османлиската власт пред 144 години и осма официјална влада од воведувањето на повеќепартиската демократија кон крајот на 1989 година.