Потпретседателот на Европската комисија и шеф на службата за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел, ги покани српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти на разговори во Брисел следната недела, јави дописникот на МИА од Белград.
Според извори од Брисел, датумот и другите детали за средбата дополнително ќе бидат објавени.
– Морам да повикам на смирување на ситуацијата на терен, а бидејќи ситуацијата од ден на ден се влошува, повторно сме во фаза на кризно менаџирање. Ги поканив двете страни, Косово и Србија, на состанок за кризно менаџирање следната недела, изјави Борел по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Тој им се заблагодари на војниците и на командантот на КФОР за „работата што ја вршат на северот на Косово“.
Борел додаде дека е во контакт со двете страни, како и со командата на КФОР, за да се утврди што точно се случило при апсењето на тројцата косовски полицајци.