Грчкиот премиер Алексис Ципрас е убеден дека неговата партија СИРИЗА би можела да победи на предвремените избори кои тој ги најави по поразот на гласањето за Европскиот парламент, пренесува „Катимерини“.

Во говорот подготвен со цел да ги сплоти членовите на СИРИЗА, тој изјави дека резултатот од европските избори бил под неговите очекувања.

– Клучното нешто во животот не е тоа што ќе паднете, туку дали потоа ќе станете. Затоа сум овде од вас да побарам да станете, и да се борите. Знам дека можеме да го направиме тоа. Силата што ја имаме се состои од бранењето на она што е праведно, на нашите вредности, вредностите на демократската фракција и на Левицата – изјави Ципрас.

Поради претрпениот пораз, Ципрас најави свикување на предвремени избори кои ќе можат да се одржат најрано на 30-ти јуни. Нова демократија повика на негова оставка, бидејќи смета дека тој повеќе нема поддршка од народот.

Официјалните резултати со повеќе од 87 отсто од преброените гласови покажуваат дека конзервативната партија Нова демократија води со 9,4 процентни поени пред СИРИЗА, или има поддршка од 33 отсто во споредба со 24 отсто за владејачката партија.