Во последните пет години само пет држави во ЕУ имале негативна стапка на миграција, а тоа се Бугарија, Романија, Литванија, Хрватска и Летонија

Во периодот од 2015 до 2019 година населението на Хрватска, според службените податоци на Еуростат, поради иселувањето се намалило за 4,26 жители на секои 1.000 граѓани, што е втор најголем пад на населението преку миграција во Европската Унија. Полоша од Хрватска е Литванија, која во истиот период изгубила 5,04 жители на секои 1.000 граѓани.
Трендот на иселување од посиромашните во побогатите земји беше присутен во посткомунистичките држави во првите години по влегувањето во ЕУ. Во последните пет години само пет држави во ЕУ имале негативна стапка на миграција, односно бројот на иселениците бил поголем од бројот на доселениците. Тоа се Бугарија, Романија, Литванија, Хрватска и Летонија. Сите други членки во ЕУ имале поголем број на доселеници. Најмногу се доселиле во Луксембург, чија нето-стапка на миграција изнесува 17, што значи на секои 1.000 жители имало по 17 доселеници повеќе од иселеници, објави „Јутарњи лист“.
– Нема сомневање дека економската развиеност на одделно подрачје е еден од најважните фактори за иселување. Овој процес почнал во најголемата економска криза за Хрватска, односно во 2012 година, кога е забележана најнегативна стапка во Пожечко-славонската жупанија, која изгубила 11 лица на секои 1.000 жители – вели Ивана Чипина од Катедрата за демографија на Економскиот факултет во Загреб.
Експлозијата на иселување почнува во 2013 година, кога Хрватска влегува во ЕУ, а врвот на иселувањето е постигнат во 2017 година. Во оваа година, стапката на нето-миграцијата во Вуковарско-сремската жупанија, со најнизок национален БДП, изнесуваше -35. Само две жупании, Истарската и градот Загреб, имале повеќе доселеници, што се должи на внатрешната миграција во Хрватска.