Вработените во Судот во северниот дел на Митровица денеска одлучија да ја прекинат работата во знак на солидарност со жителите на четирите општини со мнозинско српско население во северно Косово, кои протестираат против одлуката на Владата за воведување 100 отсто такси за производите од Србија.

Претседателот на митровичкиот суд Никола Кабашиќ, според медиумите, испратил писмо до шефовите на меѓународните мисии и до неколку амбасади во Косово, со барање да го искористат нивниот авторитет и да повлијаат кај властите во Приштина да ја повлечат одлуката за таксите.

Информацијата за престанокот на работата на судот во северниот дел од поделениот град за порталот „Газета Експрес“ ја потврди претседателот на Судскиот совет на Косово Нехат Идризи.

– Има своевиден штрајк денеска, но од утре сѐ ќе биде нормално – изјави Идризи.

Во знак на протест поради одлуката на Владата на Рамуш Харадинај, денеска поднесоа оставки градоначалниците на четири општини со мнозинско српско население, Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ. Членовите на советите на овие општини потпишаа резолуција со која, до укинувањето на одлуката за таксите, ја прекинуваат комуникацијата со Приштина.