Откако криминалците ќе ги украдат табличките од паркираните автомобили, тие оставаат порака со броеви на телефони и бараат пари за да им ги вратат на сопствениците

Криминалците во Босна и Херцеговина применуваат нови методи за изнуда на пари од граѓаните, а во последниот период тоа го прават со одземање на регистарските таблички од приватните возилата на сараевчани. Последните месеци е забележана појава на кражби на регистарски таблички од автомобилите, особено во кантонот Сараево. Откако криминалците ќе ги украдат табличките од паркираните автомобили, тие оставаат порака со броеви на телефони и бараат пари во замена за украдените сообраќајни таблички.

Исто така, последните месеци се евидентирани и кражби на рекламните ознаки на такси-возилата (со називите на фирмите) и магнетните антени. Во овие случаи, како што пишува „Ал џезира“, криминалците не бараат пари за откуп на ознаките на такси-возилата, туку се обидуваат да ги продадат на црниот пазар. Ваквите кражби предизвикуваат стрес кај граѓаните, кои се изложени на дополнителни трошоци. Повторната набавка на табличките или на другата придружна опрема за автомобилите за нив претставува дополнително оптоварување на домашниот буџет и предизвикува чувство на несигурност.

Граѓаните што биле цел на крадците се соочуваат со дилемата дали кражбата да ја пријават во полиција или да се јават на бројот што им бил оставен на ветробранското стакло на автомобилот, за да го платат откупот за одземената опрема. Во првиот случај тие се соочени со долгата процедура и повисоките трошоци за вадење нови регистарски таблички. Најчесто повикот до полицијата завршувал со правење записник, а крадците никогаш не биле откривани. Затоа, им останува да ги контактираат непознатите лица на наведениот телефонски број и да се договорат со висината на „рекетот“.

„Ал џезира“ контактираше пензионер, кој пред неколку дена во доцните вечерни часови забележал дека недостигаат табличките на неговиот автомобил, кој бил паркиран пред зградата во која живее.

– Живеам во населба во која нема поголем број кражби или други кривични дела. По проверката на автомобилот забележав на бришачот порака со телефонски број. На ливчето пишуваше да не повикувам полиција доколку ги сакам табличките. Веднаш го повикав тој број, но мобилниот апарат од другата страна беше исклучен. Се исплашив дека моите таблички ќе бидат искористени за реализирање друго кривично дело.

Полициската екипа дојде, направи записник и си замина – изјави оштетениот граѓанин.
Во случај на губење или кражба на регистарски таблички целата постапка трае долго.

Полицијата издава потврда за одјава на старите таблички, потоа се оди во станиците за технички преглед за измена на сообраќајната дозвола, да се направи ново осигурување… Во текот на целата постапка сопственикот не смее да го користи автомобилот. Поради тоа на граѓаните им останува другата опција и одлучуваат да стапат во контакт со крадците и да се обидат да се договорат.

– По два дена успеав да остварам контакт со другата страна. Непознато лице, маж на средна возраст, ме праша дали сум контактирал со полицијата. По негативниот одговор, лицето со студен глас, ми ја соопшти цената од 200 евра, доколку ги сакам назад табличките. Требаше да купам картичка за телефонскиот број, а потоа ми беше соопштено каде ќе можам да ги земам – вели пензионерот.

По убедувањето дека е висок „откупот“ на крајот се договориле да исплати 200 конвертибилни марки (околу 100 евра). Потоа било договорено примопредавање на украдените регистарски таблички. Со криминалците, двајца мажи на триесетгодишна возраст, се сретнал во центарот на градот во еден современ трговски центар, пред многубројни случајни минувачи

Слично искуство имал и таксистот од Сараево, Н.В., кој изјави дека во последните две години има зачестени кражби на ознаките на такси-возилата и магнетните антени. Во ваквите кражби штетата е околу 200 до 300 конвертибилни марки, а со нивна препродажба крадците брзо доаѓаат до готовина. По седум дена неговиот случај не бил решен, тој одлучува да купи нови ознаки на интернет. На една страница ги пронашол токму својата антена и табла, а потоа ги откупил за 200 конвертибилни марки, пишува „Ал џезира“.