Државите треба прво да погледнат во своите дворови и да осигурат дека демократските права и слободи се почитуваат дома, пред да „навалнираат“, соопшти руската амбасада во Бугарија, откако бугарските власти ги осудија апсењето и пресудата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, како и насилството врз демонстрантите во Русија, пренесува „Еурактив“.

Вестите за случајот на Навални во Бугарија се шпекулации, додаде руската амбасада, посочувајќи дека неговото судење било јавно и во согласност со рускиот закон.

– Додека бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева ја критикуваа пресудата за Навални и го осудија насилството врз демонстрантите во Русија кои излегоа за да му дадат поддршка на опозиционерот, властите во Софија остануваат неми за полициското насилство за време на антивладините протести во Бугарија летоска – наведува „Еурактив“.

Ова е втора остра реакција на руската амбасада за помалку од една седмица, откако пред неколку дена реагираше на изјавата на американски дипломат во Софија, кој ја критикуваше корупцијата во Бугарија.

Германија, Полска и Шведска вчера протераа руски дипломати, реагирајќи на протерувањето на нивни дипломати од Москва, бидејќи присуствувале на протест за поддршка на Навални.