Србија забрзано се подготвува за третиот бран од епидемијата на коронавирусот, а здравствените власти најавуваат дополнителни епидемиолошки мерки во случај на значајно влошување на состојбата. Првиот удар се очекува во првата половина на ноември.
– Изненадува брзината на враќањето на вирусот и сѐ може да се смени за две недели. Во земјите околу нас има пораст на бројот на заболени лица. Доаѓа и зимата и овие мерки нема повеќе да вредат – изјави Предраг Кон, главниот епидемиолог во Кризниот штаб на Србија.
Во Србија е во сила мерката за задолжително носење маски во затворени простории, но и во градскиот превоз. За отворен простор важи препораката за носењето маски. Според последните информации, коронавирусот по започнувањето на училишната година влегол во 33 училишта, но тоа се поединечни случаи, а состојбата во образовните институции се смета како стабилна.

Директорот на Домот за здравје на Подгорица, Небојша Кавариќ, за Телевизија Црна Гора изјави дека во понеделникот имало 759 лица со симптоми и тоа е најголем број на новопријавени во ковид-амбулантите.
– Завчера имавме „црн понеделник“. Имавме 153 пациенти што се испратени на тестирање за ковид – изјави Кавариќ.

Поради зголемен број на заразени, хрватскиот кризен штаб размислува за воведување на обврската за носење маска во затворени простории и за гостите во угостителските објекти, но не и додека тие седат на масите.
Во последните 24 часа во Хрватска се забележани 287 нови случаи на заразени од ковид-19. Вкупниот број на активни случаи изнесува 1.588, од нив 334 се на болничко лекување, а на респиратори се 24 лица. Четири лица починале.