Албанскиот премиер Еди Рама, од пограничниот град Пешкопеја, најави почеток на изградбата на автопатот Руга е Арбрит (Патот на Арбр).
– Руга е Арбрит нема да биде илузија туку реалност. Овој автопат е национално прашање, прашање на корекција на историската неправда за луѓето изолирани со децении, правда што како задача ја има албанската држава. Руга е Арбрит ќе го оживее целото подрачје – вети Рама пред насобраните граѓани, не посочувајќи одреден датум за тоа.
За доцнењето со реализација на проектот, Рама ја обвини претходната влада, која потпишала проект со кинеска компанија и истиот тој го нарече „авантура со кинеска компанија и со демократите“.
Првичниот проект предвидувал инвестиција од над 300 милиони евра, но со залагање на неговата влада тој договор е анулиран и сега потпишаниот предвидува инвестиција од 250 милиони евра.
Со изградбата на автопатот од преминот Блато на албанско-македонската граница кај Дебар, оддалеченоста до Тирана се намалува за цели 100 километри и ќе изнесува 82 километри.
Инаку, и во Пешкопеја, Рама беше пречекан со протест, поради што морала да интервенира полицијата, па средбата со граѓаните почнала подоцна од предвиденото. Со протести Рама беше пречекан и при посетата во Елбасан, Церик, Балш, Фиер и во Љушња.