Црна Гора се соочува со загрижувачка ситуација на пораст на бројот на илегални мигранти што од Грција преку Албанија пристигнуваат на нејзина територија, изјави црногорскиот премиер Душко Марковиќ
– Во првите пет месеци од годинава се регистрирани околу 1.500 илегални преминувања на границата, што е значително повеќе отколку во целата претходна година. Очигледно е дека постои проблем и трендот не е добар – изјави Марковиќ во интервју за австриската телевизија ОРФ.
Тој нагласува дека Црна Гора има план за преземање голем број мерки за намалување на бројот на илегални мигранти што од нејзина територија влегуваат во ЕУ, додавајќи дека се потребни заеднички напори во регионот за одговор на овој предизвик.
Марковиќ најави и дека црногорските власти подготвуваат посебна локација за сместување на мигрантите доколку Црна Гора биде зафатена од мигрантски бран.
– Пред Европската комисија инициравме проект за санација на стара југословенска касарна на границата со Албанија, која би можела да стане центар за прифат на мигранти, за подобро да ја контролираме состојбата – додаде Марковиќ.
Според него, во моментов се појавува тенденција на создавање нова мигрантска маршрута од Грција, преку Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кон Европа.
– Работиме на сите полиња за да одговориме на овој предизвик и да го намалиме притисокот на границите на Европската Унија – нагласи Марковиќ.
Инаку, министрите за внатрешни работи на шесте земји од Западен Балкан денеска во Брисел ќе се сретнат со претставници на Европската комисија и на австриското и бугарското претседателство со Унијата.
Според најавите, на министерски состанок ќе се разговара за миграциските предизвици на ЕУ. Се очекува на средбата да се разгледува и предлогот за отворање кампови за бегалците во земјите од регионот на Западен Балкан.