Курти соочен со политичката реалност полека почнува да ја менува острата реторика што ја користеше како опозиционер

Се чини меѓународната заедница нема време да чека Албин Курти да го одживее својот „премиерски меден месец“ и веднаш презеде иницијатива за забрзување на дијалогот меѓу Приштина и Белград

Новоизбраниот косовски премиер Албин Курти го доби првото официјално писмо од германската канцеларка Ангела Меркел, со кое му честита за изборот, но во исто време го потсети на меѓународната политичка реалност. Без заобиколување, таа во неколкуте реченици, за успех и среќа во работата, го потсети на главните чекори што стојат пред Курти. Владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, подобрување на економската состојба и дијалогот со Србија се приоритетите за новата косовска влада, задачи зададени од Берлин, а без нивно исполнување не е можна европската перспектива за Косово.

Се чини меѓународната заедница нема време да чека Курти да го одживее својот „премиерски меден месец“ и веднаш презеде иницијатива за забрзување на дијалогот меѓу Приштина и Белград, кој подолго време стои на слеп колосек. Од првите потези по изборот за премиер, Курти полека почнува да ја менува острата реторика, која ја користеше како опозиционер и лидер на Самоопределување, движење што цело време преземаше радикални потези. Така, деновиве зачестено може да се слушне од него за реципроцитет во односите со Србија, како замена на високите царински такси за српските производи. Попуштање има и во неговиот став за влада без српски претставници, за на крајот да се согласи да има двајца министри од Српската листа.

Засега тоа се само почетни сигнали што доаѓаат од Приштина во годината кога се очекуваат групни потези за решавање на косовското прашање, односно признавање на независноста на Косово од страна на официјален Белград. Останува неизвесно дали е тоа доволно да се симне догмата според која се раководеше Курти во досегашното политичкото дејствување, како што посочува германскиот политички експерт Бодо Вебер.

Во интервјуто за Радио Слободна Европа новиот косовски премиер Албин Курти го повтори ставот дека таксата од 100 отсто на српските производи ќе ја замени со примената на принципот на реципроцитет во односите со Белград. Попрецизно, тоа би значело во Србија да се признаат косовските документи, трговските декларации и дипломи, исто како што српските се признаваат на Косово.
– Ова се многу важни работи во животот за албанскиот и за српскиот народ, за животот на сите граѓани и треба ние, како институции и како политичари, да им помагаме на нашите луѓе – рече Курти.

Тој ја изрази подготвеноста за водење принципиелен дијалог, за што рече дека не треба да се одолжува, но и дека не треба да се брза, за да не пропадне целосно дијалогот.
– Не можам да проценам дали дијалогот би можел да биде завршен до крајот на годината. Имам добра волја и подобро е да имаме порано договор, но не по секоја цена. Не можам да замислам друго сценарио освен Србија да го признае Косово – додаде Курти.

Според Бодо Вебер, виш соработник на Советот за политика на демократизација од Берлин, новиот косовски премиер ќе биде „непријатен соговорник“ за Европската Унија.
– Од една страна поради неговите принципиелни политички, демократски ставови, а од друга страна поради неговите убедувања и програма на неговата партија имаат и натаму догматски и идеолошки елементи – вели Вебер за „Дојче веле“.
Вебер, кој меѓу германските аналитичари важи за најдобар познавач на Балканот, смета дека Курти по изборната победа најголемо попуштање покажа со тоа што инсистираше на дијалог со српската заедница на Косово.

– Останува прашањето за практично спроведување, затоа што Курти и неговото Самоопределување се држат до догмата да се преговара само со косовските Срби, и тоа без мешање на Белград – објаснува Вебер.
Но реалноста на Косово е сосема поинаква, затоа што во десетте мнозински српски општини е формиран еднопартиски режим под контрола на Белград, кој се темели на патронатот и преплетување на државно-партискиот апарат и криминалното подземје. Косовските Срби како поединечен фактор во овој момент не постојат, објаснува германскиот аналитичар.

Тој смета дека косовските Срби не може да имаат свој глас откако ќе биде склучен сеопфатен договор со Србија, кој ќе гарантира целосна интеграција на косовските Срби во државата Косово, и со политичкото-институционално потиснување на Србија од Косово. Во таа смисла, Вебер очекува нова реторика на Владата и свртување кон косовските Срби, но не се надева на поголеми резултати надвор од идните бриселски преговори со Србија.
На самиот почеток на мандатот, Курти прекрши две ветувања: Владата има повеќе од 12 министерства и, наместо ниту еден, таа ќе има дури двајца министри на Српската листа.

Првото ветување беше жртвувано заради коалицијата, а второто заради уставната обврска – се согласуваат соговорниците на ДВ. Но тие на мотивите за соработка и на можните последици од ваквиот пакт за српската заедница во Косово гледаат различно.
– Не ме изненадува тоа што Курти предложи двајца министри од Српската листа, тој бара легалитет и легитимитет на својата влада и настојува да се претстави како промотор на косовскиот устав – вели за ДВ Рада Трајковиќ, претседателка на Европското движење на Србите од Косово и поранешна косовска пратеничка.

Од друга страна, Јета Лошај смета дека вклучувањето на Српската листа во косовската влада е доказ за прагматизмот на Курти, но и на неговата решеност да почне внатрешен дијалог со Србите, политика за која Самоопределување одамна се залага.