Атина – Турската воена морнарица повторно објави дека нејзиниот брод „Орук Реис“ ќе спроведе истражувачко дупчење во спорната област во источниот Медитеран во наредните две недели, што ќе придонесе за раст на тензиите во односите со Грција. Слична најава на Турција минатиот месец предизвика спор, а по интервенцијата на германската канцеларка Ангела Меркел, Турција се согласи да ги одложи операциите. („Ројтерс“)

Сараево – Најмалку 32 илјади луѓе добиле откази во Босна и Херцеговина, откако во земјата избувна епидемијата на коронавирусот, а работодавците најавуваат дека слична судбина ги чека и уште десетици илјади. Во Република Српска без работа останале малку повеќе од 9.000 луѓе. Голем број од работодавците во БиХ голем дел од своите вработени ниту ги пријавуваат, ниту им плаќаа придонеси. („Аваз“)

Софија – Родители на деца со посебни потреби во Бугарија од иницијативата „Системот нè убива“ планираат да ги преместат шаторите на локација пред зградата на Владата, соопштија вчера претставници на иницијатива. Демонстрантите во Софија деблокираа една од трите раскрсници што ги окупираа за време на антивладините протести, кои денеска влегоа во 33-от ден.  („Опсервер“)


Бисер балкански

Сите Срби за Трамп

– За Србија е важно Доналд Трамп повторно да победи на претседателските избори, за да се спречи повторно враќање на власт на демократите и кланот на фамилијата Клинтон. Ги повикувам Србите во САД да ја поддржат борбата за одбрана на традиционалните вредности, а против либералниот тоталитаризам – рече Иван Костиќ, потпретседател на партијата Двери, кој се залага за избор на актуелниот претседател на САД.
Со поддршка се огласи и партијата Единствена Србија, која со кампањата под називот „Србите за Трамп“ ќе се обиде да мобилизира два милиона американски државјани со српско потекло.
– Сите Срби да дадат поддршка за вториот мандат на Доналд Трамп и со тоа на својата матична држава Србија во борбата за вистина и правда, особено кога се во прашање Косово и Метохија – изјави лидерот Драган Марковиќ-Палма.