Атина – Ако не постоеше Договорот од Преспа, сега на нашата северна граница ќе ја имавме ситуацијата што ја имаме југозападно од нас, ќе имавме Либија на нашата северна граница. Таму, ќе имавме постојано присуство на Турција, вели лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас
Поранешниот грчки премиер истакнува дека како што одминува времето, дури и оние што беа критични кон договорот ги сфаќаат придобивките што ги има за Грција, а тој обезбеди мир и стабилност во регионот, сојузник на северната граница и спречи експанзијата на Турција во регионот. („Стар“)

Софија – Одржувањето фер и транспарентни избори е нашата главна обврска, изјави вчера бугарскиот премиер Стефан Јанев, на презентацијата на новите регионални гувернери во зградата на Владата.
– Сите наши напори ќе бидат посветени на одржување на предвремените парламентарни избори на 11 јули, така што треба да биде осигурен процесот на самото спроведување и истовремено да не се дозволат негативности, на кои бевме сведоци претходно – вети привремениот премиер Стефан Јанев. (БГНЕС)

Загреб – Хрватска од вчера почна со издавање ковид-пасоши, односно зелени сертификати, а одлуката за тоа ја донесе Владата на телефонска седница. Заради олеснување на движењето на граѓаните при преминување на хрватските гранични премини, но и граничните премини на земјите-членки на ЕУ, ќе бидат склучени билатерални договори. („Вечерњи“)


Бисер балкански

Кој е сопственик на дивите коњи?

– Зголемениот број на коњи бара поголем ангажман на локалната заедница. Имаме консензус дека е нужно Град Ливно да биде правен сопственик на дивите коњи, што ќе го олесни дејствувањето на нивната заштита, како и за поголема туристичка промоција на овој препознатлив симбол на Ливно. Нашиот најголем предизвик е како низ правен систем да се дефинира статусот на коњите и да се заштитат. Коњите ги загрозуваат пасиштата на сточарите, а налето го поминуваат патот во потрага по вода и ги загрозуваат возачите – вели Фикрет Ситниќ, помошник-градоначалник во службата за локален развој во Општина Ливно.
Општината пред десет години донесе одлука за заштита на дивите ливањски коњи, кога биле околу 200 грла, а нивниот број денес е зголемен на 800. Во последните десет години се регистрирани 48 сообраќајни несреќи меѓу моторни возила и дивите животни. Осум лица добиле полесни повреди, а 13 коњи биле прегазени. Проблемот се јавува при исплатата на штетите поради нерешениот правен статус на дивите коњи, пишува „Ал џезира“.