Во Република Српска стравуваат од будење на амбициите на Бошњаците и на Хрватите

Опстојувањето на дејтонскиот устав денес се доведува во прашање од повеќе причини, а една се однесува и на нееднаквоста на сите граѓани да бидат избрани за високи државни функции

Донесување на Дејтон 2, што ќе значи и промена на Уставот на Босна и Херцеговина, сѐ повеќе се поставува како тема на средбите на државници и претставници на меѓународната заедница и политички лидери во поблиското соседство. Реформирањето на правосудните институции и јакнењето на правната држава подолго време се ставени настрана, поради неможноста на постигнување меѓуетничка согласност за поставување нови законски рамки, поради одредбите што се содржани во Дејтонскиот договор. Многу правни експерти сметаат дека е неопходна надградба на меѓународниот мировен договор, со што би се отворил простор и за измена на Уставот на БиХ.

Сите досегашни обиди од 2006 година за промена на уставниот текст завршиле неуспешно, затоа што не можел да се постигне меѓуетнички консензус. Можноста од постигнување на Дејтон 2, во Република Српска предизвикува спротивни реакции и отпор. Водачите на босанските Срби се спротивставуваат на какви било уставни измени, плашејќи се дека со тоа ќе биде доведено во прашање опстанувањето на тој ентитет, пишува „Дојче веле“.
– Зарем Босна и Херцеговина не смее да го менува својот Устав без да ги праша своите соседи Србија и Хрватска, кои не се многу пријателски наклонети? Секако дека смее. Патот кон тоа конечно мора да биде отворен – смета Кристијан Шварц-Шилинг, кој десет години бил меѓународен медијатор за БиХ, а ја извршувал и функцијата висок претставник во БиХ.

Тој во својата колумна за „Дојче веле“ посочува на важноста од поразот на десничарските струи на претседателските избори во Хрватска и разговорот меѓу новоизбраниот хрватски претседател Зоран Милановиќ со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој силно ја поддржува позицијата на Босна и Херцеговина, на кои размениле ставови за реформите на мировниот договор од Дејтон, што пред 25 години ја прекина војната во БиХ.
Дел од тој договор е Уставот на БиХ, со кој државата се дели на два ентитета: Република Српска, во која живеат претежно православни Срби, и Федерацијата БиХ, во која мнозинство имаат Бошњаците муслимани и Хрватите католици.
– Оваа многу комплицирана државна конструкција со голем број нивоа на власт би требало да го осигури спроведување на интересите на трите најголеми етнички групи во БиХ. Дејтон од Босна и Херцеговина и де факто направи држава со која е невозможно да се управува. И меѓународниот посредник Ричард Холбрук и самиот нагласуваше дека целта на Дејтонскиот договор не беше состојбата во државата да ја остави непроменета, туку е создаден за да овозможи со текот на времето да се преземат чекори што подразбираат напредок и со кои БиХ долгорочно ќе ја води во Европската Унија – пишува Кристијан Шварц-Шилинг.

Легитимноста на дејтонскиот устав денес се доведува во прашање од три причини, смета германскиот дипломат. Текстот на Уставот не произлезе од демократскиот пат и содржи низа одредници што се противат на меѓународното право. Сега, за должноста претседател може да се кандидираат само припадници од трите конститутивни народи, додека многубројните малцинства, меѓу кои се и Евреите и Ромите, се исклучени од кандидатурата. Меѓутоа, Дејтонскиот договор мора да се смени, пред сѐ, поради својата очигледна дисфункционалност.
Српскиот претседател Александар Вучиќ се повикува на тоа што Србија, како потписничка и гарант на мировниот договор, нагласува дека нема да има промени на Дејтонскиот договор без почитувањето на ставот на Србите. Милорад Додик, српскиот член на Претседателството на БиХ, по последната средба со Вучиќ во јануари годинава, од Белград јасно порача дека „секоја промена на Дејтонскиот договор би значела смртна пресуда за БиХ“, пренесува белградскиот весник „Политика“.
– Промените се прават со ароганција и сила од меѓународната заедница и од високите претставници. Република Српска нема да остане во БиХ надвор од рамките на Дејтон и Уставот. Бања Лука и сега ги почитува остатоците од Дејтонскиот договор. РС има доволно капацитет да не ги дозволи промените, затоа што со договорот во БиХ има три конститутивни народи и два ентитета, кои мораат да се договорат заеднички – изјави Додик.
Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Валентин Инцко, е дециден и тврди дека мора да дојде до промена на дејтонскиот устав, повикувајќи се на пресудата од Судот за човекови права во Стразбур за предметот „Сејдиќ-Финци“, со кој би требало на сите граѓани да им се овозможи право да се кандидираат за Дом на народот и за Претседателството на БиХ. Но, како што пишува „Новости“, менувањето на Уставот би можело да ги разбуди амбициите на Бошњаците за централизација на Босна и Херцеговина, а Хрватите да добијат свој ентитет.
Промената на уставните промени се спроведува преку Парламентот на БиХ, а тој во Претставничкиот дом и Домот на народите има правна можност од давање вето до т.н. етнички клуч да ги стопира сите уставни промени. Сите механизми на заштита ги има секој народ во БиХ.