Славко Јаневски, лево, ја прима наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата од претседателот на жири-комисијата Данило Коцевски, 1988 година

Секогаш беше луциден, духовит, со свој специфичен, неконвенционален агол на гледање на нештата. Имавте впечаток дека тој стои над секоја ситуација и дека духовно ја владее. Важеше за „тврд“ човек, кој нема толку лесно да дозволи да се снимаат емисии со него и за него. Сепак, имав среќа да снимам неколку такви емисии…

Годинава се навршуваат 100 години од раѓањето и 20 години од смртта на големиот македонски писател Славко Јаневски (1920 – 2000). Не толку често прогласуваме година на некој наш писател, а ова е убава пригода тоа да ни стане традиција. Легендите не смее да се забораваат. Ние имаме многу малку дела и многу малку истражувања за животите и за животните биографии на нашите големи луѓе, меѓу кои и писателите, нивните секојдневни грижи и преокупации, возвишувања и паѓања, нивните љубови, сонувања и мечтаења. Понекогаш малите нешта се позначајни за писателот, бидејќи токму тука пулсира автентичниот живот. Ние ниту оддалеку немаме пристојни биографии за многу наши значајни автори. Тоа не е нималку лесна работа, но дека таа допрва ни претстои е неоспорно. Шансите не треба никогаш да се пропуштат, особено додека се живи современиците, членовите на семејството или пошироката фамилија, пријателите, познаниците, колегите, откривањето на непознатите врски и контакти. Ако се пропуштат таквите мигови, времето и сведоштвата неповратно исчезнуваат, а тоа е ненадоместлива штета.

Освен тоа, не се сеќавам кога последен пат сме се осврнале на атмосферата и возвишените творечки констелации во кои се раѓаше нашата голема современа македонска литература по војната, од 1950-тите, 1960-тите години, па наваму. И не сме ниту свесни дека и тука се наоѓа нашиот културен и национален идентитет, кој е несоборлив. Тогашните доајени, меѓу кои и Славко Јаневски, несебично им помагаа на младите што доаѓаа во литературата. Со Јаневски се сретнав првпат на почетокот на 1970-тите години и, без да знам дека тој ја следи мојата критичка активност, ми предложи да бидам член на Советот на Рациновите средби. Во Советот тогаш членуваа наши големи имиња, но и авторитети од поранешните југословенски простори, книжевни теоретичари и историчари. Тоа за мене беше како гром од ведро небо и јас, се разбира, прифатив. Заедно со другите автори, се појавив во зборникот на средбите. И со некои од другите помлади творци првпат учествувавме на еден голем симпозиум под наслов „Социолошките аспекти на книжевноста“.

Славко Јаневски во разговорите и кажувањата секогаш беше луциден, духовит, со свој специфичен, неконвенционален агол на гледање на нештата. Имавте впечаток дека тој стои над секоја ситуација и дека духовно ја владее. Важеше за „тврд“ човек, кој нема така лесно да дозволи да се снимаат емисии со него и за него. Сепак, имав среќа да снимам неколку такви емисии, а секоја од нив откриваше нови сознанија и ново дружење и пријателство. Првата ја снимивме во Охрид, во неговата викендичка во близината на влезот во Пештани. Режисер беше Васил К. Ќортошев, а како екипа бевме сместени во хотелот „Десарет“, кој беше во близината. Снимајќи го во викендичката и во околината на езерото, Славко Јаневски ни откри безброј аспекти од својот живот и творештво. Се сеќавам како духовито ги коментираше двата свои романи „Село зад седумте јасени“ и „Стебла“.

„Јас го преработив романот `Село зад седумте јасени’ и сега постои само `Стебла`“, велеше тој. „Ете, гледате, првиот македонски роман веќе не постои“! Дел од таа, или сосема нова емисија, беше снимен во селото Кучевиште на Скопска Црна Гора, во прекрасна природа и пролетен амбиент. За волја на вистината, доаѓаше и до конфликтни ситуации, со оглед на политичкото време што го живеевме во поранешна Југославија, на релацијата политика-култура-уметнички вредности, бидејќи културата честопати беше под идеолошка пресија.

Славко Јаневски е роден во Скопје, но неговото потекло поконкретно е од Скопска Црна Гора, и тој постојано беше емотивно врзан за тој крај, и како човек, но и со своето творештво. Една друга емисија снимивме во близината на селото Чучер и горе кај црквата „Св. Никита“. Славко Јаневски знаеше толку течно наизуст да кажува стихови за Чучер, што и денес жалам што не го запишав сето тоа. Гледајќи ги ритчињата и падините, Јаневски знаеше да рече: „Од своите работни обврски, не успеав да имам пријатели, па дури и другари што се одовде, од Скопска Црна Гора. Тоа ми беше дамнешна желба. Тоа ќе беше големо пријателство, но, ете, не го остварив“.

Од лево на десно, Славко Јаневски, Јован Стрезовски, Данило Коцевски, Трајан Петровски

Постои една емисија што ја реализиравме со новинарката Катица Трајковска на вториот кат на Градскиот трговски центар, кој гледа кон паркот „Жена-борец“. На една средба во МАНУ, додека во паузата седевме на фотелјите во холот на вториот кат, тој духовито ги цитира старите скопски изреки што своевремено беа популарни. Подоцна ми укажа посебна чест, спомнувајќи го моето име во „Нова Македонија“, како најмлад меѓу неколкуте постари пишувачи за градот Скопје. Своевремено, многу детали успеавме да снимиме во неговиот дом, запознавајќи го неговото сликарство. Имаше насликано многу делови од мебелот, во провокативен, надреалистички стил. Во 1988 година, како претседател на жирито, имав чест на манифестацијата „Мостови на Струшките вечери на поезијата“ да му ја предадам наградата „Браќа Миладиновци“ за поетската книга „Песји шуми“. Во оваа 2020-та, годината на Славко Јаневски, не треба да се прескокне ниту неговата значајна сценаристичка дејност.