Српски полицајци интервенирале во Ново Село кај српскиот град Крушевац, откако добиле информација за прослава на Православната нова година во семејна куќа во селото, на која се слушала гласна музика и се пукало од огнено оружје.

Еден од учесниците на прославата снимил дел од полициската интервенција, а на снимката се гледа како неколкумина полицајци влегуваат во куќата, ја прекинуваат веселбата со 12 луѓе, од кои четворица биле музичари кои ги забавувале гостите, и неуспешно се обидуваат мирно да ги приведат поради кршење на важечките прописи за спречување на ширењето на коронавирусот.

Дел од славениците, очигледно поднапиени, започнаа расправија, а сопственикот на куќата се обиде да ги избрка полицајците надвор, но успеа само да предизвика мешаница, а потоа и физичка пресметка и инцидент.

Двајца од присутните, Д.Р. и Н.Р., се приведени откако ги нападнале полицајците, соопшти Министерството за внатрешни работи. Според полицијата, на снимката која се прошири на социјалните мрежи, не е забележано како двајцата осомничени потоа во дворот на куќата влегле во директна тепачка со полицајците, нанесувајќи им повеќе удари во главата и телото, пред да бидат совладани.

Двајцата ќе добијат кривични пријави за напад на службено лице кое врши службена должност и спречување на службено лице во вршење на службена должност.