Францускиот претседател, Емануел Макрон, го издвои Западен Балкан како еден од приоритетите на претстојното француско претседателство со Советот на ЕУ.

На прес-конференција во Париз, Макрон рече дека јасната европска перспектива на Западен Балкан, инвестирањето во единството на регионот и заедничките амбиции на ЕУ и регионот се она на што треба да се работи во наредниот период.

„Западен Балкан е повеќе од соседство. Балканот е срцето на Европа“, рече Макрон.

Презентирајќи ги приоритетите на француското претседателство со ЕУ, Емануел Макрон изјави дека Западен Балкан денеска повторно е исполнет со тензии и посочи дека ЕУ има посебна одговорност.

„Мораме да водиме политика на повторно ангажирање и инвестирање за економска интеграција на овој регион. Мора да се бориме против манипулацијата на неколку регионални сили кои сакаат да ја дестабилизираат Европа преку Балканот. Политичката и економската работа на Западен Балкан е работа на европскиот суверенитет“, рече Макрон.

Францускиот претседател предупреди дека и за 50 години нема да може да се зборува за „Европа на мирот“ доколку Западен Балкан се остави во ситуацијата во која се наоѓа сега.