Во земјотресот што минатата недела го погоди Загреб се оштетени повеќе од 26.000 објекти, а неупотребливи се 1.900, соопшти Градската управа на главниот град на Хрватска. Од објектите за кои е пријавена штета, дури 9.642 се семејни куќи.
Градските власти соопштија дека за сите граѓани е обезбедено сместување до санацијата на нивните домови. Ова особено се однесува на жителите во централното градско подрачје, кое беше најпогодено од земјотресот на 22 март.

Градоначалникот Милан Бандиќ изјави дека обновата на градот ќе биде маратонски процес, но дека за пет години Загреб ќе биде поубав град.
Во силниот земјотрес, со магнитуда од 5,5 според Рихтер, беа оштетени голем број објекти и патнички возила што беа паркирани во центарот на градот. Имаше оштетување и на културно-историските објекти во градот, а оштетени се и Соборната црква на Цветниот плоштад, јужната кула на Загрепската катедрала, Бански двори, седиштето на хрватската влада и други објекти од историска вредност. Едно девојче го изгуби животот поради повредите од урнатините што паднале врз него.