Европската комисија соопшти дека Турција официјално не ја најавила промената на својата политика кон мигрантите и додава дека очекува Анкара да се придржува кон обврските прземени за контролата на протокот на мигрантите во ЕУ.

– Сакам да нагласам дека од турска страна немаше официјално соопштение за какви било промени во политиката за барателите на азил, бегалците или мигрантите. Што се однесува до нас и понатаму на сила е Договорот за бегалците меѓу Турција и ЕУ од 2016 година и очекуваме Турција да ги исполни обврските од договорот – изјави Петер Стано, портпарол на ЕК.

Тој најави разговори во следните денови со турската страна.

Според договорот, Турција доби шест милијарди евра за барателите на азил и за финансирање хуманитарни проекти.

Анкара ја намали контролата, односно одлучи веќе да не ги запира бегалците од Сирија, кои по копно и море се обидуваат да стигнат во Европа.