Неколку лица се повредени во завчерашните инциденти на грчкиот остров Лезбос меѓу радикално десничарски групи граѓани, бегалци и мигранти што протестираа на плоштадот во градот Митилини.
Инцидентите, според грчките медиуми, завршија со интервенција на полицијата, празнење на плоштадот и насилно пренесување на бегалците и мигрантите во прифатниот центар Морија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, локалните медиуми од островот пишуваат дека сѐ почнало кога група граѓани, радикални десничари, се обиделе да ги нападнат мигрантите и бегалците насобрани на еден од плоштадите, но и полицајците што ги штителе. Центарот на Митилини се претворил во бојно поле, групата фрлала камења, дрва, пиротехнички материјали кон бегалците и мигрантите, извикувале „запалете ги живи“, а полицијата употребила солзавец. Биле запалени и канти за отпадоци, а неколку лица, повеќето мигранти, биле повредени и пренесени во болница.
Лезбос е еден од грчките острови што се најпогодени од бегалската криза уште од 2015 година, а бегалците и мигрантите најчесто протестираат против лошите услови и пренатрупаноста на прифатните центри.


Нема размена на пребегани лица

Грчката влада го отфрли предлогот на Турција за размена на двајца грчки војници приведени во почетокот на март поради илегален влез во Турција за осум пребегани турски војници, кои Анкара ги обвинува дека учествувале во обидот за пуч во јули 2016 година. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека двајцата грчки војници не можат да се вратат во својата земја ако Атина не ги испорача осумте турски војници. Владата во Атина оцени дека ваквиот предлог не е прифатлив.