Грчкиот парламент денеска го ратификуваше договорот со САД за проширување на воената соработка, пренесува агенцијата „Танјуг“.

Договорот бил ратификуван со 175 гласа „за“, 33 „против“ и со 80 воздржани.

Пратениците од „Нова демократија“ владејачката партија од десниот центар, го поддржале Договорот за заемна соработка во одбраната, потпишан во октомври од страна на американскиот државен секретар Мајк Помпео за време на посетата на Атина.

Членовите на „Движењето за промени“ исто така гласале „за“.

Договорот предвидува зголемени заеднички активности на САД и Грција и на НАТО во грчките воени бази и објекти во Лариса, Стефановикио и Александрополис, во централна и северна Грција, како и инфраструктурни и други подобрувања во американската поморска база на Крит, пренесе агенцијата АП.

Американските воздухопловни сили веќе користат беспилотни летала MK-9 Reaper од воздухопловната база во Лариса.

Пратениците на опозициската левичарска партија Сириза биле воздржани.