Градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, сака да гради нова градска населба на просторот од 1,1 милион квадратни метри во централното градско подрачје, а вкупната инвестиција на проектот би изнесувала најмалку 500 милиони евра.

Градската управа објави јавен оглас за доставување понуди од потенцијалните инвеститори за реализација на проектот „Град во град“. Новата градска населба ќе има станбени и деловни згради, шеталишта, паркови, нови сообраќајници, шопинг-центри, угостителски објекти и други содржини, пишува весникот „Јутарњи лист“, кој во својот текст како можни инвеститори споменува компании од Дубаи и од Кина.

Новиот град ќе биде изграден на најатрактивните парцели што се во сопственост на градот Загреб, а на кои сега се наоѓаат Загрепскиот саем, хиподромот и фудбалското игралиште на ФК Локомотива. Она што особено го привлекува вниманието во најновиот проект на градоначалникот Милан Бандиќ, е краткиот рок од 15 дена за поднесување писма на намери од потенцијалните инвеститори, пишува „Јутарњи лист“.

За реурбанизирање на овој простор се говори со години, но реализацијата на оваа идеја се одложуваше поради долгата процедура за отстранување одреден број на објекти. Во текот на минатата година биле одржани неколку состаноци со идните инвеститори од Блискиот Исток, кои барале локации за поголеми проекти, по примерот на оној што се реализира во главниот град на Србија, познат како „Белград на вода“, дознаваат новинарите на „Јутарњи“ од неофицијални извори во градската управа на Загреб.

– За ваков проект се разговарало во начело, но за нашиот хрватски случај се говори за проектот „Загреб на Сава“. Покрај арапските инвеститори биле заинтересирани и кинески компании, кои сакале да учествуваат во проекти поголеми од 50 милиони евра. Заинтересираност за вложување покажале и некои европски компании – велат соговорниците на „Јутарњи лист“.

Учесниците на јавниот конкурс треба да исполнуваат одредени услови. Предвид се земаат само фирми чии инвестиции во последните пет години не биле помали од 500 милиони евра, а вкупната инвестициска вредност на минимум пет проекти, кои се однесуваат на урбаната преобразба, да не е помала од 200 милиони евра.

Покрај ова, компаниите мора да располагаат и со стручњаци, кои во изминатите пет години реализирале проекти во вкупна инвестициска вредност поголема од 200 милиони евра, од кои барем два проекта се однесуваат на изградба на нови градски урбани содржини.