МВР на Србија денеска уапси 11 лица што ширеле детска порнографија, снимале и им дистрибуирале порнографски содржини на малолетници, пишуваат регионалните медиуми.

Според полициското соопштение, овие лица контактирале со децата преку интернет и со нив договарале средби за сексуални односи.

– Благодарение на ефикасната и упорна работа на припадниците на МВР, Одделот за сузбивање високотехнолошки криминал на СБПОК, денеска во акцијата „Армагедон“ се уапсени 11 лица за ширење детска порнографија, снимање и дистрибуција порнографски содржини на малолетници преку интернет и договарање средби со нив за сексуални односи. Како човек и татко на малолетни деца, длабоко се срамам затоа што тие биле меѓу нас, како министер за внатрешни работи ветувам дека ќе се борам уште посилно против педофилите и предаторите што ги демнат нашите деца. Секое дете ќе биде заштитено. Секој педофил и сексуален предатор ќе биде пронајден и уапсен – изјави министерот за внатрешни работи, Александар Вулин.

Особено ги молам родителите да се грижат за своите деца, да обрнат повеќе внимание и да ги слушаат, да внимаваат со кого комуницираат нивните деца, изјави Вулин, пренесуваат агенциите.

Во акцијата „Армагедон“ уапсени се М.М. (1995) од Пирот, М.М. (1995), М.М. (1983), И.М. (1981) и Ф.Б. (1999), сите од Белград, како и Н.Т. (1995) од Топоница, А.С. (1978) од Панчево, Д.М. (1984) од Суботица и С.Н. (1981) од Турија.

Уапсени се и Ф.Р. (1996) од Чачак и И.А. (1964) од Власотинце.

Сите се во притвор, соопшти полицијата.

Тие се обвинети затоа што подолго време преку интернет користеле една апликација за споделување податоци или еден пребарувач за да ги прикријат локациите за преземање, складирање компјутерски харддискови и споделување содржини создадени со искористување деца за порнографски цели.

Исто така, постои сомнеж дека комуницирале со малолетници на социјалните мрежи, им праќале фотографии и видеоснимки од порнографски содржини и добивале содржини создадени со експлоатација на малолетници, но и договарале средба со нив поради сексуален однос, се вели во образложението на полицијата.

При претресот на становите на осомничените биле пронајдени поголемо количество видеоклипови и фотографии создадени со искористување малолетници во порнографски цели, содржини за сексуална експлоатација на деца на возраст од пет до 12 години, како и други фотографии и видеа на деца што се злоупотребувани за порнографски цели.