Грција

Најголемиот бегалски камп на грчкиот остров Лезбос изгоре, исто како и европската идеја. Крајно време е за заеднички европски договор, смета Јанис Пападимитриу, соработникот на „Дојче веле“ од Грција.
Веќе со години во преполнетиот бегалски камп Морија на Лезбос се гледа како на „срамот за Европа“. Но ни Грција не може да се пофали. Напротив, политичари од сите кулоари во Атина постојано ветуваа дека ќе ја решат таа срамота и дека кампот Морија ќе биде затворен. Но тогаш бегалците и мигрантите требаше да се сместат некаде на друго место во земјата, а тоа очигледно никој не го сака, пишува „Дојче веле“.

Грција во изминатите години од ЕУ доби финансиска помош од повеќе милијарди евра за да обезбеди сместување и храна за новодојдените. Меѓутоа, властите во Атина направија премалку. Уште се чека и на забрзување на постапката за добивање азил, како што беше најавено. Оној што ќе стигне таму, по правило чека над една година на термин во службата надлежна за азил.
Кампот Морија во средата беше зафатен од силен пожар, кој ги уништи привремените објекти за сместување на околу 13.000 мигранти. Капацитетот на кампот во Морија е за околу 2.500 лица.