За една година по проширувањето на законските можности за работно ангажирање на пензионерите, бројот на вработените во Хрватска во третата доба пораснал за 40 отсто. Според податоците на Хрватскиот завод за пензиско осигурување, во декември 2019 година биле регистрирани 11.737 лица, а кон крајот на 2016 година работеле околу 2.600 пензионери. На крајот на 2018 имало 4.600 пензионери работници.
Една третина од оваа категорија работници се мажи, кои учествуваат со 62 отсто, или 7.246 лица. Можноста за работа по пензискиот стаж ја искористиле разни експерти и научници, или 2.282 лица. Следуваат инженерите и техничарите (1.730), потоа раководителите и членови на државни и законодавни тела (1.729), а на четврто место се вработените во услужната и трговската дејност (1.383). Тоа покажува дека пензионерите сакаат да работат на добро платени работни места – пишува „Јутарњи лист“.
Сепак, најмногу пензионери работници има во трговската дејност, на второ место е преработувачката индустрија, а потоа градежништвото.
Во почетокот на минатата година во Хрватска беше овозможено вработување на пензионерите, со задржување на пензијата, а тоа можат да го искористат и лицата со предвремена пензија. Дополнителни поволности се овозможени за воените лица, полицајците и стручњаците за деминирање, кои може да избираат дали сакаат да работат по четири часа дневно со задржување на целата пензија, или ќе се вработат со полно работно време, но со 50 отсто од износот на пензијата. Пензионерот што ќе се вработи на четири часа дневно може да бара нова пресметка за висината на пензијата по две години таков работен ангажман.