Подгорица – Министерството за екологија, просторно планирање и урбанизам на Црна Гора ја одобри изградбата на луксузно туристичкото одморалиште „Смоква беј“, на локалитетот Смоквица, кај Режевиќ. Комплексот ќе се гради со руско-израелски капитал, а ќе чини 260 милиони евра. Со ова конечно ѝ се стави крај на постапката низ која поминуваат инвеститорите, од 2005 година, кога купија 13 хектари земја од локалното население и од Општина Будва за 25 милиони евра. („Вијести“)
Атина – Поширокиот регион на Атина од викендот се наоѓа во црвената ковид-зона, со посебни рестриктивни мерки, меѓу кои и одново затворање на продавниците. Грција е поделена на две ковид-зони: жолта, под надзор, и црвена, зголемена опасност. („Независен“)
Сараево – Трендот на откажување од државјанството на БиХ продолжи и минатата година, имајќи предвид дека од книгата на државјани на БиХ се отпишани 3.138 лица. Во исто време, само 557 лица се стекнаа со државјанство на БиХ во 2020 година, или 100 помалку отколку во 2019 година.
– БиХ е земја од која се заминува. Од крајот на војната, повеќе од 527.000 луѓе заминаа одовде и не се вратија, па многумина од нив бараат откажување од државјанството – изјави демографот Стево Пашалиќ. („Независне новине“)
Бисер балкански
(Ис)политизирана вакцинација
– Дали недовербата кон вакцините буди антирежимски став или, пак, недовербата во власта буди скепса кон вакцините? И едното и другото. Постои изворна недоверба во вакцината слично како и во другите земји. Но постои и специфичен политички аспект што нема врска со антиваксерите. Тоа е недовербата кон сѐ што кажува, работи и пропагира власта. Кај оние што велат дека зеле вакцина без размислување можеби повеќе станува збор за политички, идеолошки и догматски момент. Тие без размислување веруваат во сѐ што ќе каже власта – вели Ѓорѓе Вукадиновиќ, уредник на Новата српска политичка мисла, за најновото истражување, кое покажува дека граѓаните на Србија што ја поддржуваат власта се поподготвени да се вакцинираат против коронавирусот. Истражувањето покажало дека меѓу симпатизерите на власта подготвеноста за вакцинација е поголема за четири пати во однос на оние што се за смена на власта (53,1 наспроти 13,1 отсто).