Белград – Во Србија од вчера почна новиот полициски час, кој ќе трае од 21 часот до 5 изутрина. Во овој период е забрането да работат угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови, рестораните, како и трговските центри и продавниците.
Исклучок од оваа мерка се аптеките, испораката на храна, бензинските пумпи и економските субјекти што работат трета смена. Мерките ќе важат 15 дена, до 1 декември. (РТС)

Подгорица – Албанската листа одби да влезе во владата на Здравко Кривокапиќ. Претседателот на општина Тузи, Ник Ѓељожај, објави дека албанската листа донела ваква одлука поради составот на Владата, но и одредени лични решенија и оти нема искрена покана за малцинствата да бидат во Владата.
– Ги слушнавме двете страни, направивме анализа и одлучивме дека тие не можат да преземат одговорност да бидат во таков концепт – рече Ѓељожај. (Б92)

Тирана – Во оваа критична точка на пандемијата, од витално значење е масовно да се зголеми бројот на тестови. Тестирањето е единствената можност да се воспостави контрола над ситуацијата и да се организира и да даде потребна грижа здравствениот систем за секој граѓанин погоден од ковид-19 – смета албанскиот претседател Илир Мета.
Тој додава дека итно треба да се тестира целиот здравствен и друг персонал, сите просветни работници, стари лица и граѓани со хронични болести. („Алсат“)


Бисер балкански

Државата или мафијата

– Во оваа земја мафијата нема да има своја држава – или мафијата или ние. Државата е одлучна во намерата да се пресмета со организираниот криминал и мафија. Полициската задача ќе биде да се избори со уличниот криминал, да се спречат продажбата на дрогата во училиштата, насилството и крадењето и слични дела поради кои граѓаните не се чувствуваат сигурно. Во прашање се два клана – Кавачкиот и Шкаљарскиот, веројатно меѓу најсилните кланови во Европа, а бруталноста и суровоста со која се пресметуваат се речиси филмски – изјави Александар Вулин, министер за внатрешни работи во Србија, во настапот на Радио-телевизија Србија.
Коментирајќи го последното убиство во белградски трговски центар, Вулин рече дека „нема сигурно место кога мафијата ја води својата војна“.