Европскиот парламент минатата недела ја повика Комисијата да не го одобрува планот за закрепнување на Унгарија сè додека не се воспостави ефикасен систем за борба против корупцијата во земјата. Политичката криза во Бугарија го доведува во прашање исполнување на планот за влегување во еврозоната

Бугарија и Унгарија се наоѓаат пред сериозен предизвик за исполнување на основните принципи што треба да ги исполнуваат како земји-членки на Европската Унија. Деновиве Унгарија беше во фокусот на активностите на Европската комисија, која упати низа забелешки за начинот на кој се практикува извршната власт од страна на Кабинетот на Виктор Орбан. Проблемите со Бугарија повеќе се од политички карактер, но поради сопствената немоќ да се избере новата влада, се доведуваат во прашање неколку важни процеси, а еден од нив е пристапувањето на земјата во еврозоната. Со повеќемесечната политичка криза, Бугарија е водена од привремена влада, која не ќе може да одговори со целиот свој капацитет на обврските преземени со планот за воведување на еврото. Европската Унија може да го одложи одобрувањето на планот за закрепнување на Унгарија за исплата на средствата предвидени од фондот за надминување на последиците поради ковид-19.
Во понеделникот беше последниот ден за одобрување на планот што го даде Европската комисија, но деновиве ќе ја повика Унгарија да се согласи за продолжување на рокот за два месеца за донесување на процената за исполнувањето на условите што ѝ беа поставени на Унгарија – изјави Алијана Подеста, портпарол на ЕК.
Владата на премиерот Виктор Орбан се обидува да „повлече“ 7,2 милијарди евра од европските фондови, како дел од поддршката за економското закрепнување на земјите-членки на ЕУ, но нејзината програма се најде под силен надзор, бидејќи кај европратениците се зголеми загриженоста за корупцијата и владеењето на правото во земјата. Европскиот парламент минатата недела ја повика Комисијата да не го одобрува планот за закрепнување на Унгарија сè додека не се воспостави ефикасен систем за борба против корупцијата во земјата.

Претходно, во препораките на Комисијата за Унгарија за 2019 година беше содржан повикот до владата на Орбан „да ја зајакне антикорупциската рамка, вклучувајќи и преку подобрување на обвинителските напори и пристапот до информации од јавен карактер и зајакнување на независноста на судството“, пишува во текстот објавен на „ЕУ обсервер“. Евентуалното одложување на планот за Унгарија доаѓа и по неколкунеделна интензивна дебата меѓу земјите на ЕУ и институциите со Будимпешта за правата на ЛГБТ-заедницата. Комисијата ја предупреди Унгарија во врска со неодамнешниот закон дека е дискриминирачки кон луѓето со различни сексуални ориентации, додека владата на Орбан тврди дека со новиот закон само ги штити децата. Бугарија, која се соочува со сериозни критики за постоење на висока корупција и непочитувањето на демократските слободи, годинава поминува низ сериозна политичка криза, која може да ги одложи на неопределено време сите нејзини досегашни напори за пристапување во еврозоната. Властите во Софија ги почнаа подготовките за воведувањето на еврото како платежна единица во земјата во 2000 година, за што беше изработен и национален план за замена на домашната валута – левот. Според поставената агенда, Бугарија треба да ги консолидира своите јавни финансии, а секоја земја што сака да биде дел од еврозоната мора да се држи до неколку строги макроекономски критериуми, пишува „Модерндипломаси“. Важен предуслов е земјата да докаже дека нејзината валута е стабилна и дека јавните финансии се здрави. Еден од најтешките критериуми за исполнување на една земја како Бугарија е оној што се однесува на инфлацијата. Во техничка смисла, просечната стапка на инфлација во земјата за 12 месеци треба да биде во рамките на т.н. референтна вредност. Оваа вредност е еднаква на просекот на три најмали стапки на инфлација меѓу земјите на ЕУ плус 1,5 процентен поен. Сега Бугарија го задоволува овој критериум, бидејќи нејзината 12-месечна просечна инфлација е за 0,13 проценти пониска од референтната вредност. Структурните разлики помеѓу економијата на Бугарија и на ЕУ и нејзините слабости најверојатно ќе преовладуваат во блиска иднина. Всушност, пред пандемијата, бугарската инфлација го надмина прагот за 0,67отсто, затоа треба да се очекуваат тешкотии за Софија да се извлече од кризата. Вториот критериум се однесува на буџетските дефицити и вишоци или, поточно, нивниот однос кон БДП.

Најчесто бугарската влада повлекуваше пари од „фискалната резерва“ – во суштина, заштеди од минатото. Покрај тоа, Бугарија исто така бара пари на меѓународните пазари со емитување разни видови јавни обврзници. Во последните две децении, благодарение на брзорастечката економија, Бугарија успеа да ја почитува оваа цел за да се прифати еврото, дефицитот на Владата на државата /вишокот на релативен БДП не треба да надминува 3 проценти во претходната година. Најновите податоци за 2020 година покажуваат дефицит од -3,4 отсто, што е, сепак, подобро од -7,4 отсто во еврозоната. Сите предвидувања покажуваат дека состојбата со бугарските јавни финансии ќе се влоши. Усвојувањето на еврото зависи од односот на долгот на БДП на една земја како општо правило. Рецесијата поради влијанието на пандемијата предизвика значително влошување на финансиите за публикации во земјата. Бугарија е веќе на прагот да побара од финансиските пазари неколку милијарди евра заеми во 2021 година. Така, ако наскоро дефицитот не стапи под контрола и не се рестартира растот на БДП, долгот ќе се зголеми. Бугарија исто така може да се соочи со зголемени каматни стапки, се заклучува во текстот на „Модерндипломаси“.


Софија се соочува со финансиска контрола за користењето на европските пари

Претседателката на комисијата на Европскиот парламент за буџетска контрола (ЕПП), Моника Холхајмер, предложи европратеници да отпатуваат во Бугарија за да го проверат на самото место усвојувањето на европскиот буџет. Предлогот го даде на состанокот на парламентарниот комитет, на кој се дискутираше за санкциите на САД против бугарските граѓани според законот Магнитски. Холхајмер објасни дека европратениците сакаат да бидат сигурни дека европските средства се користат правилно и дека се потребни законски измени за да се избегнат злоупотреби, јави БТА.
Веќе некое време сме загрижени дека може да има измама со фондовите на ЕУ и мешање од странски земји, како Русија и Турција – додаде таа.
Социјалистите и демократите посочија примери за повреди во Бугарија во последните месеци и повикаа на истраги и одговорност. Зелените додадоа дека јавните набавки во Софија ги освојуваат тесен круг компании без конкуренција.