Претстојниот викенд продолжува традицијата на одржување на прочуената културно-сценска манифестација „Галичка свадба“, по пауза од една година поради пандемијата. На годинешното 47 издание од оваа автентична манифестација, судбоносното „Да“ во живописниот Галичник ќе го кажат Катерина Илиевска и Филип Бундовски, кој е по потекло од Галичник.

– Ние сме многу среќни што се создадоа услови оваа година да продолжиме со оваа вековна традиција на Мијаците, која секако зазема посебно место во богатото македонското културно наследство. Подготвени сме да ги пречекаме и да им посакаме добредојде на сите посетители од земјава и странство кои ќе дојдат во Галичник да ги видат и одново да им се воодушевуваат на уникатните свадбарски обичаи и адети, проследени со богатиот колорит на народни носии и изворните песни и ора карактеристични за овие македонски краеви – изјави Александар Костиќ од организацискиот тим на Месната заедница Галичник.

Тој напомена дека од организациски аспект ќе бидат преземени сите превентивни мерки за заштита на здравјето на учесниците и посетителите, истовремено упатувајќи апел до сите што ќе дојдат во Галичник да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од ковид-19.

Покровител на годинешната Галичка свадба е претседателот Стево Пендаровски, а еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата и годинава е Министерството за култура.

– Галичка свадба е чувар на традицијата и наше драгоцено нематеријалното културно наследство. Министерството за култура останува силен поддржувач и промотор на оваа манифестација која го збогатува и чува препознатливиот македонски фолклор – изјави министерката за култура, Ирена Стефоска, упатувајќи честитки до годинешните галички младоженци, посакувајќи им среќен и долг заеднички живот.

Традиционално, официјалниот почеток на годинешната Галичка свадба ќе биде означен в сабота со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе се изврши в недела во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите. Според програмата на годинешната Галичка свадба, која и овој пат изобилува со најразлични забавни и музички содржини, прилагодени за сите генерации, започнува уште в петок, со настапот на групите Тоа е Тоа, Љубојна и БендОфф, а завршува в недела со испраќањето на тајфата Мајовци и посакување „здравојживо видување вгодина”.