Косовската Влада не го прифаќа предлогот на претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели за привремена суспензија на 120 дена, на таксата од 100 отсто на увозот на стоки од Србија и Босна и Херцеговина, бидејќи смета дека не е исполнет ниту еден од условите што ги постави за нејзино укинување.
Авни Арифи, шеф на Кабинетот на косовскиот премиер Рамуш Харадинај и член на косовскиот тим за преговори со Србија, за „Газета Експрес“ изјави дека владиниот став во однос на таксата останува непроменет.
– Таксата нема да се укине. Ниедна од причините поради кои е воведена не е отстранета. Сите се присутни, дури и во по див облик- изјави Арифи.
И од партијата на Харадинај, Алијансата за иднината на Косово (ААК), порачаа дека таксата останува во сила.
Собранискиот спикер и лидер на Демократската партија на Косово (ПДК), Кадри Весели вчера по средбата со американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет, предложи таксата на увозот од Србија и БиХ, под одредени услови да се суспендира привремено на 120 дена, како знак на доверба кон САД и Европската унија.