Американскиот претседател Џо Бајден го увери својот сојузник, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, дека САД се „посветени“ на безбедноста на еврејската држава пред „сите закани од Иран“, пренесуваат француските меидуми.
За време на телефонскиот разговор меѓу двајцата, во кој учествуваше и потпретседателката Камала Харис, актуелниот жител на Белата куќа, исто така, „ја подвлече важноста од континуираните напори за деескалација на тензиите во регионот“, се наведува во соопштението на Белата куќа.
– Претседателот ја потврди својата посветеност на безбедноста на Израел против сите закани од Иран, вклучително и преку прокси терористичките групи како Хамас, Хезболах и Хутите – се додава во соопштението.
Бајден, додаде Белата куќа, исто така, разговараше со Нетанјаху за „напорите за зајакнување на одбраната на Израел од потенцијални закани, вклучително и закани со балистички ракети и беспилотни летала“, што би можело да вклучи „ново распоредување на американско одбранбено оружје“.