Американски и канадски воени бродoви навлегoa во Тајванскиот теснец, соопшти американската морнарица, во ретка заедничка мисија на чувствителната морска патека во време на зголемени тензии меѓу Пекинг и Вашингтон околу кинеските права.
Седмата флота на американската морнарица соопшти дека разорувачот со наведувани проектили УСС Чунг-Хун и канадскиот ХМЦС Монтреал направиле „рутински“ премин низ теснецот „низ водите каде што се применуваат слободната навигација и прелетување во согласност со меѓународното право“ – пренесува „Хина“, цитирајќи го „Ројтерс“ .
– Преминувањето на Чунг-Хун и Монтреал низ Тајванскиот теснец ја покажува посветеноста на Соединетите Американски Држави и нашите сојузници и партнери за слободен и отворен Индо-Пацифик“ – се вели во соопштението.
Американските воени бродови минуваат низ теснецот еднаш месечно, но невообичаено е тоа да го прават заедно со бродови од другите сојузници на САД.
Мисијата се одржа додека шефовите за одбраната на САД и Кина присуствуваа на големиот регионален безбедносен самит во Сингапур.
На настанот, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ја прекори Кина што одби да одржи воени разговори, оставајќи ги суперсилите во ќорсокак околу Тајван и територијалните спорови во Јужното Кинеско Море.
Кина го засили воениот и политичкиот притисок во обид да го принуди Тајван да ја прифати позицијата на Пекинг за суверенитет, што владата во Тајпеј силно го отфрла.