Со огромно жалење ја споделуваме веста за смртта на нашиот колега и пријател – актерот Трајче Ѓоргиев (1967 – 2023), стои во фејсбук објавата на Македонскиот народен театар.

Ѓоргиев дипломира на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Љубиша Георгиевски, во 1991 г. Дел е од МНТ повеќе од триесет години – започнувајќи од првата улога како Акаст во „Мизантроп“ (1989), преку вработувањето во 1998 г. до големиот број на оддиграни улоги. Во 2005 година ја режира и игра во петте пантомими за една глумечка претстава „Човекот” од Марсел Марсо и со неа се стекнува со титулата магистер по пантомима, на Академијата за театар и филм „НАТФИЗ” во Софија, Бугарија. Дел е и од „Театар за пантомима“, летна школа на Кенјон колеџ, Гамбир, Охајо, 2008 г., а посетува и едногодишни специјалистички студии по пантомима во класата на проф. д-р Александар Илиев, на „НАТФИЗ“, 2005 – 2006 г.

Основач е и главен двигател на ПАНФИЗ, меѓународниот фестивал за пантомима и физички театар, фестивал кој 16 години опстојува, ја анимира публиката, го поддржува и оддржува овој жанр во театарската уметност и ги донесе кај нас некои од најдобрите светски пантомимичари.

Трајче Ѓорѓиев ќе изјави: „Јас се трудев преку формата да се дојде до суштината, за мене лично формата како почетно зрно на креирање една улога, нека е и најкратка што може да биде, е еден пат, еден начин да се дојде до суштината.“ Тоа е таа суштина, таа креација, тоа зрно кое го донесе и носеше во себе: дали во форма на кажан збор, движење или режија. Тоа е она што ќе остане зад него како вечен спомен и пример.

Тој е и ќе остане нашиот Густав во „Надвор од умот“ (1991), Пандар во „Троил и Кресида“ (1993), Ивковиќ во „Народен пратеник“ (1993), Чинели во „Јануари“ (1994), Спасе во „МКС“ (1995), Етјен во „Кројач за дами“ (1996), Сапорта Робесвјер во „Мисија“ (1998), Благоја Ќелавиот во „Немушт јазик“ (2000), Виргински во „Демони“ (2001), Силјан во „Писание“ (2002), Доктор Финаш во „Болва в уво“ (2007), Тетин Јаков во „Госпоѓа министерка“ (2009), Бу змијата во „Самовилско јајце“ (2011), Комесарот во „Подемот и падот на кабарето“ (2013), Фридрих Ниче во „Аферата Елсињор“ (2014), Степан Богданович Лиходеев во „Мајсторот и Маргарита“ (2015), Јанушек во „Прекината одисеја“ (2016), Бил Остин во „МАММА МIА!“ (2017) и Докторот во „Бесачи“ (2019).

Настапувал и во повеќе претстави за деца, кои се играле насекаде низ Македонија, па и таму каде што сѐ уште не дошол театар, и за него тоа претставува една благородна мисија во воспитувањето и културното образование на децата. Но, не само на сцената, тој и зад сцената создаваше театарската естетика и приказна. Театарски и видео режисер е од 1991 година, претежно како предводник на театарското студио во Културниот центар во Кочани.

Како режисер се потпишува на претстави работени кај нас, но и во Србија и Словенија, меѓу кои: „Кралот Иби“ (1991), „Том Соер“ (1992), „Јане Задрогаз“ (1994 и 1999), „Емигранти“ (1995), „Настојник“ (1996), „Убавицата и ѕверот“ и „Домот на Бернарда Алба“ (1998 и 2009), „Горски музиканти“ (2003), „Улица“ (2004), „Раце за пријателство“ и „Зимска бајка“ (2005), „Ромео и Џулиета“ (2006), „Без зборови“ (2011 – 2012), „Љубов“ (2012) и „Омнибус плус“ (2013). Во МНТ, во 2004 година ја режира претставата „Домарот“, а потоа и „Вишновата градина“ во 2010 и последната „Најкратки драми на светот“ во 2019 година. Режира и неколку комерцијални и музички видео спотови како и на три видео записи за невладината организација „Потрага по заедничка основа“; документарно-образовната серија во три епизоди „Азбука на пантомимата“ во 2003 година, како и документарниот филм „Осогово, луѓе, села“ во 2008-2009 г.

За својата долгогодишна и исполнета кариера добитник е на Гран при за најдобра претстава и најдобра режија на ДАФ, Кочани за претставата „Кралот Иби“ во 1991 г., Гран при на ДАФ, Кочани, за претставите „Настојник“ во 1996 г., „Домот на Бернарда Алба“ во 1998 г., „Јане Задрогаз“ во 1999 г. и „Најкратки драми на светот“ во 2003 г. Во 2006 година е добитник на две големи награди за претставата „Човекот“ – награда за најдобра сценска игра на фестивалот „Златен рис“ во Бања Лука и наградата на директорите на фестивалот на Меѓународниот фестивал во Габрово, Бугарија.

Не остана само театарската сцена празна за харизматичниот и карактеристичен лик на Трајче Ѓорѓиев. Остана и телевизиското и филмско платно празно. Остана неговиот глас во надсинхонизациите и неговите улоги во серии, филмови и радиодрами да сведочат за овој голем актер: „Бумбари“ (1989), „Еурека“ (1991 – 1994), „Совенски Орфеј“ (1992), „Прекалени“ (1994), „Во светот на бајките“ (1997), „Македонски народни приказни“ (1996 – 1997, 2010), „Погрешно време“ (2000 – 2001), „Чекор пред времето“ (2003), „Големата вода“ (2004), „Обични луѓе“ (2005), „Нави“ (2006) „Турни ме да кинисам“ (2011) „Тврдокорни“ (2013), „Инсајдер“ (2017) и други.

Денот и времето за погребот и комеморација ќе бидат дополнително објавени.