Полицијата во Австрија соопшти дека во тегла со бебешка храна на ХИПП (HiPP) е пронајден отров за стаорци, по што производот бил повлечен од повеќе од 1.000 продавници на ШПАР низ земјата.
Станува збор за тегли од 190 грама со вкус на морков и компир, при што примерок пријавен од купувач бил позитивен на токсична супстанца, пренесе МИА.
Од ХИПП соопштија дека не може да се исклучи можноста за намерна контаминација на производите.
– Консумирањето на содржината може да биде опасно по живот – предупреди компанијата.
Според полицијата, сомнителните тегли може да се препознаат по црвена ознака на дното, оштетен или претходно отворен капак, отсуство на заштитен печат или необичен мирис.
Првичните лабораториски анализи на слични производи запленети во Чешка и Словачка исто така покажале присуство на токсична супстанца.
– Според нашите моментални сознанија, оваа критична ситуација вклучува надворешна криминална вмешаност што влијае на дистрибутивниот канал на ШПАР Австрија – соопштиja oд ХИПП но компанијата денеска не беше достапна за коментар.
Австриските власти биле предупредени по истраги спроведени во Германија, а се сомнева дека станува збор за надворешна криминална вмешаност во дистрибутивниот ланец.
Од ШПАР информираа дека повлекувањето е превентивна мерка која опфаќа околу 1.500 продавници во Австрија, без влијание врз продажбата во други земји.
Компаниите апелираат граѓаните да не ја консумираат бебешката храна купена во овие продавници и да ги вратат производите, за што ќе добијат целосен поврат на средствата.
Полицијата дополнително советува темелно миење на рацете при контакт со сомнителни тегли.

































