Фото: ЕПА

Москва ќе мора да прибегне кон симетрични мерки во случај Западот да одлучи да го конфискува рускиот државен имот, изјави рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов.

– Ако Вашингтон и неговите сателити решат да ни го украдат суверениот имот, ве уверувам дека Русија нема да остави таков предизвик без силен и пропорционален одговор. Ние, всушност, ќе бидеме принудени да дејствуваме симетрично – нагласи Антонов во интервјуто за „ТАСС“.

Тој потсети дека американскиот Конгрес го разгледува предлог-законот со кој ќе се овласти американската администрација да го конфискува рускиот имот.

– Американските аналитичари отворено признаваат дека „говорот на телото“ на Вашингтон за можноста за конфискација на рускиот суверен имот е првенствено дел од обидот да се охрабрат Европејците да преземат порешителна акција – посочи Антонов, потсетувајќи дека најголемиот дел од руските средства, околу 200 милијарди долари, беа замрзнати од европските бирократи.

Гувернерката на руската централна банка Елвира Набиулина на 8 ноември изјави дека замрзнувањето и конфискацијата на руските средства од страна на Западот „ќе постави преседан со севкупни негативни последици за развојот на глобалниот финансиски систем“.