Советот за безбедност на Обединетите нации го осуди бунтот во Мали и ги повика војниците вклучени во пучот веднаш да ги ослободат сите заробени владини службеници и без одложување да се вратат во нивните касарни. Претседателот на Мали, Ибрахим Бубакар Кеита, беше соборен во пучот во кој учествуваше војската. Бунтовниците ветија дека ќе одржат избори во разумен рок и започнаа разговори со истакнати политички лидери во земјата, јавија британските медиуми.

Инаку, државните удари не им се непознати на жителите на Мали. Во 1991 година вооружените реагираа на протестите против Муса Траоре, диктаторот што владееше со државата во Западна Африка од 1968 година. А и самиот Траоре предводеше пуч против неговиот претходник. Во март 2012 година, дел од војниците гневни поради начинот на справување на Владата со бунтот на северот на државата го отстранија од власт претседателот Амаду Тумани Туре.