Според доверлив извештај на Обединетите нации, хакерската армија на Северна Кореја минатата година успеала да украде над 300 милиони долари кои биле наменети за усовршување на нуклеарната и балистичка програма на земјата, пренесува „Си-ен-ен“.

Дел од украдената сума бил искористен за „спас“ на економијата на Северна Кореја, додека со дргиот дел биле одржувани нуклеарните постројки, а инфраструктурата на балистичките ракети била надградена, се наведува во документот доставен од  неименувана земја-членка на ОН.

– Северна Кореја упорно со години упорно произведува нуклеарно оружје и ракети,  дури и по цена да биде изолирана и да не спроведува никаква економска активност со други земји. Иако јагленот е највредниот извозен ресурс за Северна Кореја, испораките од јули 2020 година најверојатно се суспендирани, поради тоа што земјата ги прекина речиси сите врски со надворешниот свет, со цел да го спречи ширењето на коронавирусот, па дури и по цена населението да гладува. Ова исто така ја доведе нивната економија на раб на колапс – тврди „Си-ен-ен“.

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун изјави дека земјата работи на развој на ново, напредно оружје, како тактичко нуклеарно оружје и напредни боеви глави, дизајнирани да навлезат во ракетните одбранбени системи, како оној на САД, и покрај односот што Ким го разви со поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Трамп се обиде да го натера Ким да се откаже од развивање на нуклеарно оружје преку дипломатија, мислејќи дека ќе постигне успех онаму каде што неговите претходници потфрлија. Трамп стана првиот претседател на САД кој се сретна со севернокорејски лидер, во 2018 година, а потоа се сретна со него уште два пати, но и покрај обидите, тој не успеа да го убеди Ким да стави крај програмата за нуклеарно вооружување.