Обединетите нации(ОН) покренаа истрага откако поранешен висок функционер, поврзан со британска хуманитарна организација, бил уапсен заради тешко сексуално насилство врз деца.

Полицијата соопшти дека го пронашла Канаѓанецот Питер Далглиш(60) со две деца од 12 и 14 години во иста просторија кога на почетокот на овој месец извршила рација во неговата куќа во Непал и го уапсила.

Далглиш беше на повеќе високи позиции во агенциите на ОН. Во 2015 година беше претставник на ОН во Кабул.

Детективите тврдат дека злоставувал деца во Непал 15 години, откако момчето кое било злоставувано од негова страна додека било мало, изнело обвиненија против него.

Властите соопштија дека пред три месеца работниците од хуманитарната организација укажале на неговото однесување.

– Првичните истраги открија дека негова цел биле сиромашни деца кои сексуално ги злоставувал – рече Пушкар Карки, директор на непалското Централно истражно биро.

Тој додаде дека Далглиш децата ги одвојувал од родителите со понуда дека ќе им пружи образование, ќе ги одведе во странство и ќе им најде работа.

Далглиш е оженет и има дете, а ја основал глобалната хуманитарна организација „Деца од улица“, која сега е дел од „Да ги спасиме децата“ од Лондон.

Ова е најнов во низата скандали во врска со хуманитарните организации. Порано беше објавено дека хуманитарни работници и претставници на Оксфам ги користеле за секс децата и жените на Хаити.