Нарачателите се подготвени да платат и повеќе од милион евра за нарачано убиство

Професионалните убијци што дејствуваат на територијата на Балканот и Европа и извршуваат убиства главно доаѓаат од земјите на поранешна Југославија – Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Експертите нарачаните убиства ги нарекуваат „убиства со потпис од мафијата“ и тие имаат неверојатно високи цени во светот на подземјето, па затоа нарачателите се подготвени да платат за нив и повеќе од милион евра.

Доколку целта на е некоја личност чие убиство веќе еднаш е спречено или станува збор за некој со важна политичка или државничка функција, а со тоа има и животно осигурување, цената може за десетина пати да ја надмине просечната од околу 150.000 евра. Извршителите на атентатите обично ѝ припаѓаат на некоја криминална организација. Во соседна Србија како пример може да се земе Сретко Калиниќ, наречен Ѕвер, член на Земунскиот клан. Станува збор за човек што своевремено признал дури 35 ликвидации. Една од неговите цели бил покојниот премиер на северниот сосед Зоран Ѓинѓиќ.

Но вакви егзекутори има и во многу други бившојугословенски републики. Во Босна и Херцеговина, еден од најсуровите убијци бил Миленко Лакиќ (член на организирана криминална група на човек што е осуден на 35 години затвор). Лакиќ бил толку екстремен што една од своите жртви натерал сама да си го ископа својот гроб.
Професионалните убијци тешко се откриваат и главно биле или се дел од некоја организација како што е Легијата на странци, но и сегашни и поранешни членови на полицијата, војската и слично. Како дел од овие организации, овие луѓе имале долго време да се запознаат и да ја усовршат работата со експлозиви и со сите видови најразлични огнени оружја. Мотивите за нарачаните убиства, пак, најчесто се различни, а неретко станува збор за последици од конфликти на интереси со наркокартели или конфликти меѓу мафијашки кланови, кои едни со други се сметаат за директна конкуренција и смртни непријатели.

Марко Ницовиќ, бившиот началник на белградската полиција и член на Светската организација на шефови на полиции, вели дека воените конфликти на Балканот произвеле многу професионални убијци. Ницовиќ истакнува дека многу од овие убијци биле припадници на паравоени или параполициски формации, па по војните останале без работа и решиле да станат професионални убијци. Тој смета дека на подземните пазари тие се многу барани, односно криминалците имаат голема потреба од нив.
– Целата суштина се состои во тоа кој е целта, а други правила не постојат. На пример, доколку има потреба да се ликвидира некоја личност што не е позната и не врши важна функција, цената е околу пет илјади евра. Но ако станува збор за личност што врши некоја важна функција или има многу пари и обезбедување, цената започнува од 150 илјади и стигнува до околу 1 милион евра. Па, така, се создаваат групи што одлучуваат на нечиј живот или смрт – тврди за медиумите Марко Ницовиќ.

Кога станува збор за спроведување на ликвидациите, тука не постојат правила. Нема некој посебен начин или шема по која се водат платениците. Станува збор за искусни воени ветерани што се експерти за експлозиви, снајпери, автоматско оружје и слично. Пример за тоа е неодамнешното убиство на погреб во Белград, каде што целта е ликвидирана со снајпер од огромна далечина.
Според експертите, полициските агенции на целиот Балкан ќе мора некогаш да започнат со расчистување на оваа појава, бидејќи статистичките податоци се загрижувачки. Според некои статистики, на териториите на поранешна Југославија имало повеќе од 250 професионални убиства. Само во Србија во последните три години имало 98 професионални ликвидации. Во Босна и Херцеговина таа бројка изнесува 40 и константно расте од година на година. Процентот на расветлување на овие случаи е мизерен и изнесува од 1 до 1,5 отсто.

Оружјето со кое се извршуваат ликвидациите најчесто е доставено до убијците или, пак, е прошверцувано од некаде. Важна улога играат и помагачите на ликвидаторите и логистиката што ги чека. Главно, целта се следи повеќе денови и се утврдува нејзиниот следен чекор, кој е за убиецот погоден, а за жртвата кобен.
Познавачите на состојбите сметаат дека конекциите на овие луѓе одат дотаму што тие имаат и врски во полицијата, а со тоа има и информации. Се шпекулира дека ликвидаторите однапред знаат дека ги бара полицијата и се подготвени добро да се прикријат.

Според некои најнови информации, меѓу криминалците започнал да функционира и нов систем „услуга за услуга“ – поради што на полицијата ѝ е тешко да ги пронајде овие луѓе. Така, на пример, нарачатели од Црна Гора ангажираат убиец од Сараево, по што тие потоа треба да ја вратат истата услуга на територијата на Босна и Херцеговина. Во овие случаи нема цена, туку оди услуга за услуга. Професионалните убијци од Балканскиот Полуостров честопати одат и во земјите од Европа за да извршуваат ликвидации. Чешка, Словачка, Унгарија и Австрија се само дел од дестинациите каде што балканските убијци извршиле ликвидации.
Позитивен аспект од целата оваа сторија е тоа што ниту на листите на ликвидатори ниту меѓу целите за ликвидација нема Македонци и македонски државјани.