фотографии: Зоран Антоски

Пред споменикот во село Цер утре ќе се одбележи 113 годишнината од смртта на Христо Узунов и неговите соборци.

Како и претходнитте години така и годинава, на падините над селото ќе се најдат сите оние кои имаат длабока почит кон животот и делото на Узунов и неговите соборци. По тој повод пред споменикот во ова кичевско село, учениците од ОУ„ Христо Узунов“ село Другово, ќе се претстават со своја програма.

– Како и претходните години и годинава нашето училиште ќе биде активно вклучено во одбележувањето на 113 годишнината од смрта на Христо Узунов, кој е и патрон на нашето училиште. Хорот од нашето училиште ќе ја изведе химната на училиштето и уште една песна со историска содржина, а историчарката од нашето училиште Виолета Петкоска, ќе прочита реферат за животот и делото на големиот револуционер – потсети Биљана Ангелеска, директорка на училиштето во село Другово.

Пред споменикот на Узунов букети свежо цвеќе ќе положат делегации од родниот град Охрид, а ќе има и нивно обраќање до присутните, ќе се поклонат и претставници на училиштето со неговото име од родниот град. Пред присутните ќе се обратат и претставници од месната заедница на село Цер, а ќе се поклонат и голем број почитувачи и продолжувачи на борбата на титанот на македонската револуција од времето на Илинден, и градот Кичево ќе има свои претставници на ова одбележување.

Инаку Узунов на 24 април 1905 година од Крушево заминал за Кичевско придружуван од 14 соработници и револуционери, добро вооружени четници и двајца војводи Ванчо Србаков и Пецето. Но тие во кичевското село Цер биле опколени од многуброен турски аскер опремен со артилерија. Откако не примиле помош, биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. Војводата Ванчо Србаков решил на свој ризик со фрлање на бомби да се пробие низ огнот, но сепак не успеал. За да не паднат живи во рацете на далеку помногубројниот непријател Узунов и неговите соборци се самоубиле. Херојската смрт на Узунов и неговите соборци имала голем одек ширум Европа, а за нивната саможртва ќе дознае и самиот султан. Узунов бил пример на домољуб што безгранично го почитувал својот народ и својата татковина.

З.А.