Американскиот конгресмен Пол Рајан денеска изјави дека државјанството на САД стекнато со раѓање не е можно да биде укинато со претседателска уредба.

Според 14. Амандман од американскиот Устав, сите лица кои се родени на територијата на САД се американски државјани.

Изјавата на Рајан претставува реакција на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ја разгледува можноста да го укине таквиот начин на стекнување државјанство на САД.

– Ние сме единствена држава во светот каде што некоја личност ќе дојде и ќе роди бебе и тоа бебе е државјанин на САД, изјави Трамп.

Тој додаде дека адвокатите на Белата куќа го разгледуваат неговиот предлог за укинување на ова право.