Личниот адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп, Руди Џулијани, се појавува како најдоминантната и интригантна фигура во драмата за импичмент, покрај Трамп, објави Си-ен-ен.

Поранешниот градоначалник на Њујорк сѐ почесто се спомнува во јавно објавените изјави на сведоците во врска со скандалот.

– Тој секогаш се врткаше наоколу – сведочеше американскиот амбасадор во Европската Унија, Гордон Сондленд.

Тој додаде дека Џулијани, со текот на времето, сѐ „поподмолно“ ја набљудувал мисијата во врска со надворешната политика на Украина.

Џулијани често телефонски разговарал со украински официјални лица и се наметнувал на американските дипломатски состаноци. Со сето тоа тој предизвикувал збунетост и вознемиреност кај присутните, бидејќи на никого не му било јасно какви намери има, велат сведоци.

Сѐ повеќе откритија во врска со мисијата на Џулијани испливуваат на површина. Критична нова фаза на истрагата се отвора следната недела, кога ќе започнат јавните расправи.

Џулијани вчера објави дека ќе добие ново правно застапување како дел од истрагата. Тој донел ваква одлука и покрај неговите тврдења дека не сторил ништо незаконско, во неговите напори да изврши притисок врз украинските власти за да отворат истраги од кои Трамп би можел да има политичка корист.

Новообјавените сведочења се чини дека го зацврстуваат случајот на демократите според кој Трамп ја злоупотреби својата моќ барајќи политички услуги од Украина. Претседателот, сепак, инсистира дека не сторил ништо лошо и ги отфрла најновите откритија.