Роберт Бауерс (46), осомничен за масовното убиство во синагогата во Питсбург, изминатиот викенд, во кое загинаа 11 лица, денеска на суд се изјасни дека не е виновен.

Тој денеска, на второто рочиште, побара судење со порота. На рочиштето рече дека го прочитал обвинението и ги разбрал сите обвиненија против него.

Во судницата влезе без инвалидска количка, со превиткано рамо, бидејќи беше повреден во престрелката со полицијата. На првото рочиште беше во инвалидска количка и зборуваше малку.

Обвинението против Бауерс, осомничен за најсмртоносниот напад врз Евреи во американската историја, опфаќа обвинение за злосторство од омраза кон верници, за употреба на огнено оружје и за нанесување повреди на полицајци.

– Тој е обвинет по 44 точки, наместо по првичните 29, се наведува во вчера објавеното обвинението на Федералниот суд.

Бауерс во саботата влезе во синагогата и почна да пука со извикување „Сите Евреи мора да умрат“.